ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Вреди“ се уште не одговори на понудата на Мицкоски за коалицирање

Христијан Мицкоски не добил одговор од албанската опозиција за неговата понуда за коалицирање. Тој вчера кажа дека понудата за коалицирање била официјална и очекува евентуалниот договор со коалицијата „Вреди“ да се случи уште пред да започне кампањата за парламентарните избори и пред гласањето за идниот парламентарен состав. Денеска од коалицијата „Вреди“ истакнаа дека имало време за тоа да се разговара, а сега било рано. Тие ќе седнеле да разговараат за програмата и составот на новата Влада по, како што велат, по победата што ќе ја извојуваат во албанскиот блок.

„Од ДУИ сите бегаат, не само ВМРО, туку и СДСМ во последно време возвраќа за некоректен однос, за непосакуван партнер заради големите корупциски скандали, мешање во судство итн. Благодарам на Мицкоски, но ние сега сме посветени на претседателските избори“, рече Изет Меџити – Коалиција „Вреди“.

Понудата од ВМРО-ДПМНЕ за коалицирање со албанската опозиција денеска ја искоментираа и социјалдемократите. Според нив, Мицкоски нема добиено одговор поради европската агенда.

„Единствена цел на ДПМНЕ била државата да држат заробена, изолирана, наспроти европската агенда, којашто секој политички субјект во државата ја поддржува“, рече Санела Шкријељ – СДСМ.

Претходно, од албанската опозиција рекоа дека постои т.н. џентлменски договор со албанските партии од власта, дека уставните измени за продолжување на евроинтегративниот пат ќе бидат услов при формирањето на наредната Влада. Тие велат дека ќе настојуваат Уставот да се промени во првите шест месеци од новиот владин состав. Од друга страна пак, од ДУИ велат дека не станува збор за џентлменски договор, туку за пишан документ. Во документот, што бил потпишан од повеќето лидери на албански партии, пишувало дека промената на Уставот треба да се случи пред да се конституира новата Влада. Од албанската опозиција тврдат дека пишан документ нема – ако имало таков ДУИ да го објави, во спротивно лаже.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button