Вучиќ и Рама денеска и утре во Скопје

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска и утре во Скопје ќе се сретне со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, во рамките на иницијативата за соработка позната како „мини Шенген“. Тие ќе учествуваат на Економскиот форум за регионална соработка организиран од Стопанските комори на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија.
Вучиќ во минатата недела соопшти дека на регионалниот економски форум во Скопје ќе биде променето името на иницијативата „мини Шенген“, дека ќе бидат потпишани три договори и дека на граничните премини ќе се направат „брзи ленти“ за побрзо поминување на луѓето од регионот. Според Развојната агенција на Србија, Вучиќ, Рама и Заев ќе претстават политичка и економска визија на интегриран регион. Планирани се и бројни средби на бизнисмени од регионот, кои ќе се одржат по официјалниот дел на Форумот.