Вучиќ на средба со рускиот амбасадор ден по нападите во Косово
Еден ден по нападот врз косовската полиција кај манастирот во Бањска, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна со амбасадорот на Русија во Белград, Александар Боцан-Харченко. Му се заблагодари што ги слушнал молитвите и барањата на српската страна. Вучиќ ова го објави на Инстаграм, но не појасни какви барања упатил до Москва.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, во изјава за агенцијата ТАСС рече дека Москва внимателно ја следи тензичната и опасна ситуација во Косово. Тој излезе со обвинувања дека Србите имаат предрасуди од традиционална и според него, неурамнотежена структура.
„Ситуацијата е многу сложена. Во ситуацијата во Косово гледаме традиционални предрасуди кон Србите, тоа е традиционален и неурамнотежен пристап. Ситуацијата е навистина многу тензична и потенцијално опасна, ние ја следиме многу внимателно. Но, тоа што често се организираат разни провокации против Србите, не е тајна за никого“, рече Песков.
Во меѓувреме, првиот вицепремиер и шеф на српската дипломатија, Ивица Дачиќ изјави дека Белград треба да биде внимателен со сите провокации, а Србите на Косово да останат мирни и да ѝ веруваат на Србија која ќе направи сè за да го одржи мирот по вчерашните судири.
Дачиќ за телевизијата Прва изјави дека меѓународната заедница дозволува да дојде до конфликт на Косово со тоа што дозволува косовската полиција да застрелува Срби.
Од друга страна, претседателката на Европското движење на Србите од Косово, Рада Трајковиќ, се сомнева дека нападот врз косовската полиција и акцијата на нејзините специјалци за нивно уништување е оркестриран акт. Таа покрена многу сомнежи како е можно толку голем број вооружени лица да останат во таа област и акцијата да заврши со само неколку убиени.
„Да имаше 30 мртви Срби, 30 години немаше да има преговори“, рече таа и нагласи дека меѓународната заедница интервенирала за останатите вооружени лица да бидат извлечени од манастирот.
„Мислам дека претседателот на Србија цел ден беше во преговори и оти меѓународната заедница работеше на проект да ги извлече тие луѓе во Централна Србија за да си ги спасат животите. Свесен сум дека имало дискусија и оти некој мора да ги преземе тие луѓе и одговорноста за нив во смисла дека заедно ќе работиме на утврдување на причините, мотивите и сето она што се случи“, рече Рада Трајковиќ, Српска политичарка од Косово.
Трајковиќ рече дека за да ги скрие вистинските мотиви на инцидентот, Вучиќ сега целата вина ќе ја префрли врз косовските Срби.
Исуф Кадриу