За милионскиот конфискуван имот на „Трансмет“ се борат и државата и една банка

Државата моментално не може да земе ниту денар од имотот на Сеад Кочан. Иако поминаа три години откако газдата на пропаднатата фирма „Трансмет“ доби правосилна пресуда од четири години и осум месеци затвор за случајот „Труст“, бидејќи со лажни документи фирмата добила тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола, конфискуваниот имот од 17,3 милиони евра останува непродаден. Причина за ова е активирана хипотека од банка. Во 2015 година фирмата на „Кочан“ под залог дала багери и друга механизација, но и згради и објекти вредни околу 200.000 евра.
Сега тој имот на „Трансмет“ е под конфискација. Него го сакаат и банката и државата. Банката ги барала гаранциите дадени од фирмата, а во процедурата се вклучил извршител. Поради ова, Агенцијата за управување со одземен имот, во чии складови е запленетиот имот, иницирала постапка пред Граѓанскиот суд. И тој и Апелација ја одбиле тужбата на Агенцијата, па сега тужи Државното правобранителство.
Во документот до кој дојде Алсат, Државното правобранителство во тужбата наведува дека запленет имот поради извршено кривично дело за кое има правосилна пресуда има појака правна сила од хипотеката. Државен правобранител од Граѓанскиот суд бара извршителите да не постапуваат по дадената хипотеката на име на фирмата „Трансмет“. Овој процес во граѓанскиот суд ќе продолжи идниот месец.
Во меѓувреме, Агенцијата за управување со одземен имот бара помош и од Владата. Според инфомации на Алсат, се бара Катастарот, Централниот регистар и МВР да ги избришат сите должници на „Трансмет“ регистирани во Централниот регистар. Станува збор за сума од 17,3 милиони евра, за да може државата да го продаде конфискуваниот имот на Кочан.
Игор Стефановски