ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За преговори со ЕУ, Заев ОПТИМИСТ, Пендаровски ПЕСИМИСТ

Премиерот Заев останува оптимист дека до крајот на годинава може да се најде решение за македонско-бугарските спорови преку дијалог и разбирање.

Претседателот Пендаровски од друга страна, вели дека се намалуваат шансите за решение. Двајцата пак, за едно се согласни – ниту едниот, ниту другиот не се чувствуваат одговорни за бугарското вето.

Заев и Пендаровски ги повикаа граѓаните да покажат воздржаност, велејќи дека нивниот сосед не им прави неправда. Од друга страна, министерката за надворешни работи на Бугарија, Захариева, ја обвини Владата во Скопје дека не само што толерира, туку и стимулира говор на омраза кон бугарскиот народ и тоа во последните 30 години.

Сексистичките навреди кои деновиве ѝ беа упатени, таа ги опиша како обичен аргумент зошто Северна Македонија не може да влезе во ЕУ. Таа додаде дека Скопје не ја спровело суштината на Договорот од 2017 година, кој не вклучувал само заедничка историја.

„Имаше две средби за прашањето за Гоце. Не, тоа не е работа на политичарите, историчарите треба да се согласат за историски факти и да ни предложат текст. Но, политичарите треба да направат и други работи: Да престанат со говорот на омраза, да создадат услови, а не бариери за бизнисите, вистински да го отворат патот. Проценката за нереализација на Коридорот 8 не е само на Бугарија. Ништо не мрда“, рече Захариева.

За да се отвори патот кон ЕУ, Софија го условува Скопје со почитување на јазичната формулација во согласност со Договорот од 2017-та година, упатства со прецизни рокови за спроведување на договорот и јасен текст дека македонско малцинство во Бугарија нема. Синоќа американскиот Стејт Департмент наведе дека Вашингтон би сакал да види старт на меѓувладината конференција меѓу Скопје и Брисел до крајот на годинава, а билатералните прашања да останат надвор од процесот на пристапување во ЕУ.

Според Стејт Департментот, секој задршка на патот на Скопје и Тирана кон ЕУ,  може да го доведе во прашање кредибилитетот на ЕУ во регионот. Бугарското вето наиде на осуда и од Советот на амбасадори во Скопје како невиден чин со кој Бугарија не се претставува пред светот како европски ориентирана земја што ги почитува и спроведува европските вредности и стандарди на самоопределување, човекови права, демократија, јазичните и културните разлики.

Анеса Салиху

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button