ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев: Одговорност за успешна акција не може да има

Фалсификатите се правеле во времето на ВМРО – ДПМНЕ. Вака премиерот Зоран Заев одговори на обвинувањата на опозицијата дека тој и министерот за внатрешни работи Оливер Спасoвски се инволвирани во аферата со фалсикуваните пасоши. Заев вели дека ако некој открива и активно гони криминал треба да се награди, а не да одговара. Премиерот не даде одговор дали тој лично овозможил логистика.

Прашање: Дали премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, овозможиле логистика на мафијаши и нарко картели, како што обвинува опозицијата, ВМРО ДПМНЕ?

„Значи, Ве повикувам за деталите да си го прашате министерот Оливер Спасовски. Навистина редовно се обидува да ме брифира, да дојде на состанок, додека ги работиме секојдневните активности. Мојот фокус генерално е кон пандемијата. (Спасовски) Даде транспарентно детали за сите податоци. Навистина не би можел да прејудицирам одреден одговор на ваквото прашање, треба да го прашате министерот Оливер Спасовски. Не може да се обвинува министер за внатрешни работи, премиерот, други министири или слично, заради тоа што спровеле успешни акции“, рече Заев.

Заев има оправдување и за неговите коалициски колеги кои имале средба со Седат Пекер пред една година во Скопје. Шефот на турската мафија за време на неговите посети во земјава имал средби со градоначалникот на Маврово Ростуше, Медат Куртовски од редовите на СДСМ, пратеникот Енис Ибраими и Бејџан Илијаз од турските партии, Неждет Мустафа од партијата на Ромите и Мунир Колашинац од Бошњачкиот демократски сојуз, со локалните власти на општина Бутел и со претставници на ДУИ. Заев вели дека тие не знаеле дека Пекер имал криминално минато.

Опозицијата денеска обелодени дека македонски пасош се издал и на еден од главните соработници на италијанската мафија, Валид Иса Хмаис. Според партијата, тој важи за главниот перач на пари од трговија со кокаин на италијанската нарко мафија, кој во редовна процедура добил македонски пасош со украден идентитет.

„Валид од 2017 година е во бегство во повеќе држави во светот, а по добивање на македонскиот пасош на име Таќо Вурмо, два пати во месец јануари 2019 година го искористил македонскиот пасош и преку аеродром Петровец заминал за Турција. Според последните информации објавени во италијанските медиуми наводно се наоѓа на островската држава Маврвициус. Македонија станала Колумбија на Балканот. Не смее оваа афера да заврши со одговорност само на службеници“, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ.

Осум службеници на МВР кои ги издавале пасошите со туѓ идентитет на странските криминалци преноќија во Шутка, а двајца не смеат да излезат од Скопје. Полицијата уште го бара посредникот. Двојниците ако се обидат да поминат граница со македонскиот пасош ќе бидат уапсени, бидејќи Интерпол е известен за сите 214 странци кои имаат фалсификуван пасош од државава.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button