Затворени пет други маркети. Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) велат дека по пријава на граѓани дека некои маркети не ги намалиле цените на прехранбените производи, биле извршени контроли. освен парични казни, биле затворени и маркети во Кавадарци, Тетово, Гостивар и Куманово. Моментално 10 продажни места во земјава се затворени до 5 дена.
Прехранбените производи и пијалоците кои се вклучени во одлуката веќе се обележани со црвен знак на кој пишува „гарантирана цена“, но во маалските продавници мерката речиси воопшто не се почитува.
„Неколку пати споменавме дека секој треба да ги почитува законите и одлуките на Владата. Исто така, нема да дозволиме никој да манипулира и да ги залажува потрошувачите. Ги повикуваме сите трговци дека нема да има компромис или селекција во постапувањето на пазарниот инспекторат кога станува збор за интересот на граѓаните. Пријавете какви било неправилности од вашиот мобилен телефон на бесплатниот број 191“, наведоа од ДПИ.
Казните доаѓаат откако беа намалени и замрзнати цените на 24 категории како што се леб, млеко, јогурт, ориз, тестенини, месо, скуша, сирење, овошје и зеленчук. Од вчера во сила се и мерките за замрзнати цени на безалкохолните пијалоци и светлото пиво. Одлуката ќе трае до 30 ноември. Власта очекува таа да доведе до намалување на инфлацијата на храната до 5% до крајот на годината.
Дополнително на ова, Владата денеска донесе и одлука за намалување за 10% на царинските давачки за увоз на овошје и зеленчук од 65% на 55%, односно 45 кои стапија во сила веднаш и ќе важат до 28 февруари. Исклучок засега се доматите, краставиците и пиперките, за кои одлуката ќе стапи во сила од 1 декември, оставајќи им време на трговците за набавки.
„Добро е што има зголемување на извозот на локални земјоделски производи, но примарниот пазар треба да биде нашиот. Нашите трговци ги продаваат производите купени од нашите земјоделци по повисоки цени во соседните земји, што значи дека нашата земја губи двапати. Субвенционираните производи се извезуваат во Србија и Косово, а недостатокот се пополнува со увоз од Грција и Турција, за што се плаќа царина од 65% и тоа влијае овошјето од 100 денари да поскапи на 165 денари за килограм без профитна маржа“, велат од Министерството за економија.
Во меѓувреме, од Министерството за финансии соопштија дека денеска го прошириле асортиманот на прехранбени производи кои се оданочуваат со само 5% ДДВ и нивниот број сега е 1.600. Сите основни прехранбени производи што секојдневно ги консумираат граѓаните ќе се купуваат по поевтини цени, вклучително и пелетите за греење.
Согласно измените на Законот за ДДВ, луксузните прехранбени производи кои не се вклучени во исхраната и ретко се консумираат ќе се оданочуваат со 10%. Оние кои јадат месо од елен, риба лосос, кавијар, јагули, сино сирење, сирење од карамела, ленено семе, палмино и кокосово масло, тропско овошје како папаја, манго и авокадо итн., ќе треба да платат поскапо.
Аднан Ќаили