Предлог за одземање на ингеренциите на Арсовска за „Комунална хигиена„ и „Паркови и зеленило“
Да се расформираат јавните претпријатија „Комунална Хигиена“ и „Паркови и зеленило“ , а надлежностите да ги преземат општините, побараа денеска градоначалниците на скопските општини, по одржан координативен состанок за состојбите во градот Скопје. Според градоначалниците, градските претпријатија не ги задоволуваат потребите на граѓаните, градот тоне во ѓубре, па поради тоа барањето за одземање на ингиренциите на овие две претпријатија, чие работење за нив е најалармантно, ќе го достават до Владата, како и до Министерството за животна средина.
„Бараме Владата да назначи владин повереник во двете јавни претпријатија и со истите да започнеме со процес на трансформација, односно расформирање на истите две претпријатија и предавање на надлежнсотите, но и на надлежностите на секоја од скопските општини. Одговорно тврдиме како градоначалници, дека како што и ги вршиме своите обврски и задачи изминатиот период и ги задоволуваме потребите на нашите сограѓани, со дополнително зголемување на надлежностите, со овие две претпријатија откако нормално ќе бидат трансформирани дека ќе дадеме барем за двојно подобра работа од она што го имаме во моментот“, рече Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела.
Градоначалниците од кои најголем дел се од ВМРО ДПМНЕ прстот го вперија и кон градоначалничката Данела Арсовска, велат комуникацијата со неа е невозможна бидејќи не им одговара на службени мејлови, а го истакнаа и проблемот со јавниот градски превоз како и тоа дека Арсовска постојано ги менува луѓето на раководните позиции во градските претпријатија. Сепак, беше истакнато и дека потребата да се одземат ингиренциите на овие две претпријатија не потекнува од сега, како и дека е потребен закон за комунална инспекција.
„Впрочем, нема општина којашто нема земено чистач, дополнително ние имаме 100 луѓе, од која сме ги зеле? Од 2.000 година. И тогаш хигиената и одржувањето на зеленилото не било како што треба и затоа има потреба ова да се промени, но нема да го решиме проблемот ако не го донесеме законот за комунална инспекција. Комуналните инспектори мора да добијат овластувања, да легитимираат, да казнуваат, да приведуваат, да побараат притвор и физички да неутрализираат“, рече Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош.
Градоначланичката Арсовска порача дека токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои се мнозинство во советот на град Скопје ја кочат работата на јавните претпријатија. Таа му порача на премиерот Мицкоски дека ако сака да го одблокира градот треба да испрати само една СМС порака на неговите експоненти да почнат да работат во корист на граѓаните, а не на партијата.
Михаило Донев