Зголемено полициско присуство по инцидентот во бугарскиот клуб

Со огнено оружје e пукано кон неодамна отворениот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. На две места, стаклената врата е оштетена од кушруми. Од полицијата велат дека се трага по сторителите и се работи на расветлување на случајот. Алсат дознава дека се прeгледувале и сите безбедносни камери од околните објекти.
Вратите на здружението Цар Борис Трети во центарот на Охрид, денес се затворени. Нема никој од неговите членови. Од утрово тргната е и таблата на која го пишува името на здружението. Она што денес е евидентно е засилено полициско присуство во околината на здружението.
Настанот e пријавен вчера вечер десет минути после 19 часот, иако полициски извори за Алсат велат дека инцидентот се случил во вторникот на 22 ноември, а бил пријавен вчера. Сопствениците на околните дуќани кои не сакаа јавно да зборуваат, ни рекоа дека слушнале пукање и оти се загрижени за својата безбедност.
Охриѓани го осудуваат настанот и бараат да се расчисти.
„Реакција очекував но не ваква, не со употреба на огнено оружје и не со сила…
„Мислам дека тоа што се пукало не е добро. Би требало да има некоја реакција. Сите сме на некој начин загрижени,бидејки не убави работи се случуваат. Мора нешто да се преземе“…
„Секој би бил загрижен за безбедноста.Секако дека ќе се преземат мерки.Секако дека е вознемирувачки ова“, велат граѓаните.
За настанот известен бил Јавен Обвинител од ОЈО Охрид по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот.
За само една недела ова е втор инцидент, а трет од отварањето на клубот пред еден месец,именуван според бугарскиот цар соработник на фашистите. Претходно излогот на клубот беше искршен со фрлање со камења.
Мики Трајковски