ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Железничарите во штрајк! Ова се нивните барања

Машиновозачите и останатиот персонал во Македонски железници транспорт од утрово се во штрајк. Возовите денеска не сообраќаат поради неисплатена втора половина од септемвриската плата на персоналот. Раководството на државната компанија ветила дека до петок, 29 октомври вработените ќе ги добијат парите, но засега не се на сметките.

„Досега првиот дел го добивавме во зависност од средствата како ќе легнат на сметка. Како ќе ги соберат парите, некогаш 15 – ти, некогаш 20 – ти, така да до 30 – ти го исплаќаа вториот дел. Меѓутоа, овој месец, а и пред два месеци застанавме делумно, но овој месец немаат пари“, вели Душко Чакаровски, Независен синдикат на машинскиот персонал.

Од утрово не тргнаа четири патнички и два товарни воза. Интересот за користење на патничкиот железнички сообраќај е драстично намален, а намалена е и вредноста на товарниот железнички сообраќај, се жалат машиновозачите.

„Денеска требаше да има линии за Велес, за Табановце, за Битола и за Гевгелија. Товарен сообраќај требаше да има до Гевгелија“, рече Тони Димовски, Синдикат на машиновозачи и извршен персонал.

Кога вработените во Железница ќе ја добијат септемвриската плата, не добивме информација. Директорот на државната фирма Аднан Азизи не одговори на повиците на Алсат. Но, од Министерството за транспорт и врски ни соопштија дека денеска на сметката на Македонски железници транспорт префрлиле 80 илјади евра. Според планот за работа на годишно ниво ресорното министерство годишно на оваа компанија им подмирува трошоци, односно загуби на име на патнички сообраќај во висина од шест милиони евра.

Доколку железничарите до 26-ти во месецот не ги добијат своите заработени пари предупредија дека секој месец ќе има прекин во сообраќајот.

Долгогодишно барање на железничарите е платата да ја добиваат во цел износ, а не во два дела. Но, засега одговорот на надлежните е дека за тоа нема пари. Македонски железници транспорт е една од државните компании со најголем минус во касата, кој сега изнесува над седум милиони евра.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button