ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Охридската болница остана без детско одделение, ќе функционира само како амбуланта

Поради недостаток на педијатри, Охрид од денеска остана без детско одделение кое функционираше во рамките на општата болница. Тоа ќе продолжи да работи само како амбулантна служба со работно време од 8 до 20 часот. Тоа значи дека децата повеќе нема да се хоспитализираат ќе се препраќаат во Струга. За минимално функционирање на 24 часовна служба, потребни се најмалку пет доктори.

„Во ноќните часови нема да пружаме услуги, нема да работиме за викенди и класично ќе си работиме како амбуланта. Останавме само со двајца педијатри во цела болница. Практично неиздржливо е.Ние пробавме да работиме еден месец секој втор ден по 24 часа, но навистина е неиздржливо. Што е полошо од нас двајца што останавме, колешката во февруари заминува во пензија“, вели Орхан Зеќир-началник на детско одделение.

Зеќир не знае како може да се реши проблемот и да се надмине оваа сериозна состојба, бидејќи се обидел доктори да најде и од соседните градови но сите го одбиле.

„Што ќе биде и како ќе биде навистина не знам. Ние направивме неколку обиди да го обезбедиме оној минимум број на доктори кои би доаѓале да не заменуваат по некое дежурство. Побаравме помош од Струга не одбија, побаравме помош од Кичево не одбија. Побаравме помош и од матичните доктори, само една докторка прифати“, додава Зеќир.

Персоналот, бара решение и помош од Министерството за здравство, за да не се случи најголемиот туристички центар во државата да остане без болничко лекување на најмладите пациенти .За време на туристичката сезона, овде се лекуваат и пациенти од странство и други градови во земјава. Годишно во детскиот оддел биле хоспитализирани по 3000 деца.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button