Жените во политиката од почетоците на независноста на државата

„Суштина или декор“, со овие зборови започнува едно поглавје на обемна статистичка анализа, издадена од Фондацијата за демократија на Вестминстер, до којашто дојде www.alsat.mk, а се однесува на политичкото учеството на жените во земјава. Во заклучоците меѓудругото се наведува дека застапеноста на жените во политиката, иако се унапредува е релативно мала.
Да се потсетиме,
Од осамостојувањето на нашата држава воопшто немало жена на првото столче во Законодавниот дом, ниту пак, во Вилата на Водно. Од почетоците откога е основано македонското Собрание (1991-2021) имало само неколку потпретседателки: Рената Дескоска, СДСМ, Сузана Салиу- ДУИ, Лилјана Поповска- ЛДП и Светлана Јакимовска, ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до извршната власт, никогаш немало премиер- жена, додека во првиот владин состав (1991), под палката на Никола Кљусев и воопшто немаше именувано жена како министер за одреден ресор.
Во втората Влада (1992) раководена од Бранко Црвенковски (СДСМ), Софија Тодорова станува министер за развој, додека Гордана Силјановска е министер без ресор.
И третиот владин состав (1994) на Црвенковски како премиер, е идентичен – само со две жени: Емилија Симоска, министер за образование и Софија Тодорова, која од развој, ротира во Министерството за наука.
Во Владата на Љубчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ (1998), сепак доаѓа до значајна промена: Доста Димовска и Радмила Кипријанова стануваат вице-премиерки. Министерка за развој е Милијана Даневска од ДА на Васил Тупурковски, додека за наука е Мерие Рушани од ДПА.
Доста Димовска во 1999 ротира и добива министерско место – внатрешни работи, додека во 2001 ја губи и оваа позиција, за после неколку месеци повторно да се врати на вице-премиерското место.
Во 2000 г., министерството за култура го добива жена, Ганка Самоилова – Цветановска.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ (мај 2001) после конфликтот, ја именува Илинка Митрева за прва жена министер за надворешни работи.
По стапките на Георгиевски, Бранко Црвенковски во 2002 се решава на похрабри потези: ја става Радмила Шеќеринска како вице-премиер за евроинтеграции во Владата и Илинка Митрева како министерка за надворешни работи.
Неговиот наследник, Хари Костов (2004) ги задржува Шеќеринска и Митрева и не именува други жени во Кабинетот. Следниот премиер, Владо Бучковски во 2004 прави чекор напред, оставајќи ги Шеќеринска и Митрева на позициите, но и именувајќи ја Мери Младеновска како министерка за правда.
Владеењето на Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ (2006-2016) е обележано со позиционирање на една жена која 9 години не го менува ресорот: Гордана Јанкуловска како министер за внатрешни останува се до 2016, кога доаѓа до нејзина оставка, по инцидентот во Диво Насеље во Куманово, кога загинуваат 8 полицајци.
Во оваа прва Влада на Груевски (2006) по стапките на Шеќеринска, именувана е жена како вице-премиерка за евроинтеграции- тоа е прерано починатата Габриела Коневска. По нејзината смрт, евро-интеграциите стануваат ресор за мажите.
Коалициониот партнер НСДП на Тито Петковски го добива министерството за економија, каде е именувана Вера Рафајловска.
Во вториот владин мандат (2008), Груевски ја именува за министерка за култура Елизабета Канчевска, која останува се до 2017 на оваа позиција, со што после Јанкулоска, станува обележје на сите влади на Груевски.
Коалицијата со ДУИ (2011), ВМРО-ДПМНЕ го тера повторно да го врати вице-премиерското место на жена- Теута Арифи ја добива функцијата се до 2013. Јанкулоска и Канчевска се единствените жени кои ја цементираат оваа негова одлука.
Оттука, претседателствување на првата жена на чело на Собранието на Македонија, Ката Лахтова, останува преседан. Таа била претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија од 28 април 1984 до 24 април 1985 година и досега таа е единствената жена која застанала на чело на Законодавниот дом.