ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Жителите на тетовската ромска населба, заборавени од државата

Во ромската населба во Тетово има 40 куќи и околу 200 жители кои неколку децении живеат во исклучително тешки услови. Освен што немаат речиси никаква инфраструктура и услови за достоинствен живот, многу од овие лица немаат ниту лични документи.

Од околу 200 луѓе кои живеат во оваа населба во Тетово, голем дел се без документи, без матичен број, луѓе – фантоми. Со години бараат решавање на нивниот статус за да имаат барем здравствена книшка, но сè што добиваат од разни проекти и институции во државата, се ветувања.

Селман Красниќи веќе 52 години живее во Тетово, но нема никакви документи за идентификација. Красниќи вели дека неколку пати поднел барање до МВР, но никогаш не добил одговор. Најголем проблем има кога ќе се разболи. Здравствените услуги морам да ги плаќа од свој џеб.

„Немам лична карта. Бев во полиција поднесов документи, рекоа – чекај. Сè приватно плаќаме. Децата ги имаат сите документи, само јас немам“, вели Селман.

„Немам никакви документи. Одиме приватно, каде да земам пари за документи, кај гробот на мајка ми само. Работиме нешто приватно, но нема ниту за леб“, додава Агрон Красниќи, жител.

Запрашани во општина Тетово велат дека се формира посебна канцеларија за ромската заедница, која во иднина ќе се занимава со нивниот проблем.

„Со формирањето на кабинетот предвидовме вработувања од ромската заедница, каде што ќе се направи посебна канцеларија и преку таа канцеларија и лицата ангажирани во општината ќе направиме шема и план за работа како да се снабдат со документи и како да се ресоцијализираат овие лица“, рече Бесар Дурмиши, Општина Тетово.

На државно ниво има околу 800 лица без никакви документи, главно од ромска заедница, кои немаат ни матичен број. Најголем број од нив живеат во Тетово, Гостивар и Кичево.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button