ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Албанската опозиција бара Заев веднаш да ги прифати понудените оставки

Алијанса за Албанците го обвинува премиерот Зоран Заев дека се обидува да се меша во истрагата на Обвинителството за трагичниот пожар во Тетово. Го повикуваат итно да свика владина седница и веднаш да ги потврди понудените оставки.

„Шефот на владата најави нешто уште поскандалозно, мешање во истрагата во Обвинителството. Тој нема право да контактира или да биде информиран од истражителите пред јавноста. Го повикуваме денеска да свика седница на Владата, да ги достави оставките до Собранието, за утре тоа без задоцнување да ги констатира“, рече Беким Татеши- АА.

Албанската опозиција смета дека понудените оставки покажуваат чувство на одговорност, а неприфаќањето од страна на премиерот, значи неприфаќање на одговорноста.

„…Ова исто така зборува дека на власта не ѝ гајле за трагедијата. Изјавата на премиерот Заев ја гледаме како обид за одложување на оставките до локалните избори“, додава Татеши.

Од албанската опозициска партија велат дека актуелната влада, премиерот и градоначалничката на Тетово се обидуваат да добијат политички поени од трагедијата за да си ги задржат своите позиции. Единствената комуникација на Заев за трагедијата беше едно соопштение до медиумите три дена по трагичниот настан. Во него премиерот зборуваше само за моралната одговорност на функционерите кои ги понудија оставките, а не и за кривичната. Во писмото до медиумите, тој најави дека неговата одлука ќе ја донесе врз фактите што ќе ги добие од истрагата.

Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button