ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Анкета: Дури 65% од граѓаните немаат доверба во судството

Граѓаните многу не му веруваат на судството. Податоците на Центарот за правни истражувања и анализи покажуваат дека 65% од граѓаните немаат доверба во судството.

„И со тоа ги става на дното на институции во севкупната власт, односно во државата и тоа треба да ни е сериозен сигнал дека нешто и покрај заложбите и покрај некои поместувања за коишто сите сме свесни дека час поскоро мора да се пристапи кон конкретни чекори за надминување на оваа појава“, рече Лидија С. Зафировска, Центар за правни истражувања и анализи.

Последен случај кој го памети јавноста, а се обележува како симбол за недоверба во правосудството е сообраќајната несреќа со смртни последици што се случи лани летото во Охрид. Возачот којшто го предизвика судирот при што загинаа двајца млади битолчани доби само условна казна затвор. Пресудата во почетокот на неделава го револтираше и министерот за правда, кога изјави дека не може да биде рамнодушен кон казната, но денеска не сакаше многу да коментира.

„Многу е неблагодарно ние да ги коментираме во детали пресудите, затоа што судијата или судиите се тие што ги знаат сите околности. Чија била вината за одредена сообраќајна незгода или колкава е големината на вината на определен учесник во сообраќајната незгода…“, рече министерот за правда, Бојан Маричиќ.

На денешната дебата за работењето на судовите, судиите не сакаа да зборуваат за случаите кога биле изречени ниски казни за случаи во кои имало жртви. Зборуваа за свои проблеми, немале доволно пари, а наскоро ниту доволно кадри.

„Не можеме да говориме за вистинска независност сè додека постои финансиска зависност во креирањето и извршувањето на судскиот буџет…“, рече Беса Адеми, Претседателка на Врховен суд.

Судиите догодина бараат поголем буџет од 6,5%. Бараат и повисоки плати и тоа за екстра 15% за сите вработени во судовите.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button