ВЕСТИРЕГИОН

Австриска полиција: Снименото девојче во Виена не е Данка Илиќ

Австриската полиција вели дека јасно и без никаков сомнеж може да се потврди дека на фотографијата која е направена на трамвајска станица во Виена не е двегодишната Данка Илиќ од Бор.

Во соопштението од австриската полиција, објавено утринава, се наведува дека врз основа на истрагата и поврзаните факти, јасно и без сомнение може да се исклучи врската помеѓу луѓето прикажани на објавените фотографии и исчезнатото мало дете.

Според соопштението, српски државјанин кој живее во Виена им пријавил на српските власти дека на трамвајската станица „Шотенринг“ забележал мало дете во придружба на две возрасни жени.

„Забележувајќи ја сличноста меѓу девојчето и речиси двегодишното дете исчезнато во Србија, тој направи видео од трите лица и го сподели со српските власти. Со оглед на тоа што роднините по прегледувањето на сликите изјавиле дека најверојатно станува збор за исчезнатото девојче, по наредба на Јавното обвинителство на Виена, фотографиите ги објави државната полициска управа на Виена на 3 април 2024 година. Сега е разјаснет идентитетот на лицата од сликите и воспоставен е контакт со нив“, се истакнува во соопштението на виенската полиција.

Девојчето Данка Илиќ исчезна во вторникот на 26 март во населбата Бањско поле во Бор, а потрагата по неа влегува во десеттиот ден.

Од српската полиција велат дека истрагата за случајот се одвива во повеќе правци и дека се проверуваат сите лица што може да се поврзат со исчезнувањето на девојчето.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button