ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

„Дискриминација кон другите“ – критики за растот на платите САМО кај Фатмир Бесими

Одлуката на министерот за финансии Фатмир Бесими да им ги зголеми платите на вработените во неговиот ресор за 30 отсто ќе направи револт кај останатите административни службеници, во другите министерства и институции. Ова е ставот на Сојузот на синдикати на Македонија од каде велат дека Бесими постапил како прав синдикалец, но само за вработените во неговото министерство. За останатите, предвиденото зголемување на платите за годинава изнесува само 5%. Но, има и институции каде ќе се кратат платите.

„Не може од предвиденото зголемување на платите од 5% во јавниот сектор, вие да искористите 30 проценти за зголемување на платите во вашето министерство, а да овозможите минус 1,7 проценти за намалување на платите во Министерството за труд и социјална политика. Тоа е огромна дискриминација која се прави помеѓу вработените во јавниот сектор“, рече Слободан Трендафилов, ССМ.

Според Трендафилов, ако и другите министри не го следат примерот на Бесими, ќе останат без работен кадар. Бесими вчера зголемувањето на платите го правдаше токму како одбранбен механизам на институцијата од масовно напуштање на кадарот кој му бегал во УЈП или во Царината каде платите се далеку повисоки. Пред ова зголемување, просечната месечна плата во Министерството за финансии изнесуваше 26.500 денари. Од месецов таа ќе им порасне до околу 34.500.

Цело лето синдикатот штрајкуваше по главните улици низ Скопје за порамнување на останатите плати на администрацијата со висината на минималецот, но за тоа пари не се најдоа во буџетот. Сега се подготвува нов закон за плати во јавниот сектор. За него синдикатот е на став дека е лош бидејќи се укинуваат колективните договори, кои според нив, се заштитник на работничките права, но власта уверува дека ќе се воспостави системско решение.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button