ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тетово плаќа милиони за можна криминална експропријација на плац од само 80 м2!

Општина Тетово ја загуби судската битка со сопственикот на еден плац, кој за експропријација проценета на 50.000 евра, веќе си наплати еден милион и 100.000 евра од општинската каса. Ова денеска го потврдија од Апелациониот суд во Гостивар. По оваа одлука општината најверојатно ќе изгуби уште дополнителни 500.000 евра на име на камати поради тоа што и понатаму не добива известување ниту од извршител, ниту од Министерството за финансии дали судскиот процес завршил. Тетовскиот градоначалник Биљал Касами, ова го смета за политички притисок врз него, со цел општината да не може да ги реализира предвидените проекти.

„Конечно се потврди рекетот од 1,1 милион евра врз тетовчани, а со ова се затвора и последната можност за исправање на грешката што сметаме дека е направена. Сега останува и делот за кој немаме одговор, дали е ова затворено со 1,1 милион евра или ќе продолжи рекетот кон тетовчани, а нашите сомнежи се дека може да достигне и до 1,5 милиони евра. Упативме барања до Министерството за финансии и до извршителите дали е затворен случајот, но до денеска не добивме одговор“, рече Касами.

И покрај ваквата одлука на Апелација, Касами не се откажува од тужбата поради сомневањата дека зад целиот случај стои организиран криминал.

„За жал, ниту во тужбата што ја упативме до органите на правдата од петти месец минатата година, до денес, немаме одговор дали овој предмет е прифатен или не. Ќе бараме со дополнителен акт Обвинителството да нè извести дали има основа за постапка или не и до каде е стигната постапката на нашата тужба“, додава Касами.

Парцелата од околу 80 метри квадратни на граѓанинот му била одземена во далечната 1988 година. Но, не се согласувал со висината на понудената експропријација, па поднел тужба. Институциите го одолговлекувале процесот цели 30 години, а по последната судска одлука која била во полза на тужителот, општината Тетово од засега неутврдени причини не поднела жалба и морала да почне со милионска исплата на име на доцнења и камати.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button