ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дивата рафинерија во с. Костурник немала дозвола, а била и дивоградба

Дивата рафинерија во с. Костурник немала дозвола, а била и дивоградба

Дивата рафинерија во Костурник веќе трет ден е затворена, откако Алсат ја објави сторијата за нелегалната активност на рециклирање на изгорени моторни масла, загадувајќи го воздухот и животната средина. Министерот за екологија го демантира инвеститорот кој ден претходно изјави дека ги добил елаборатите за животна средина. Министерот Нуредини дури вели оти фабриката треба да се затвори за да се зачува здравјето на жителите.

„Врз основа на информациите во нашата архива, од компанијата ’BASE OIL’ немаме барање до Министерството. Ги разгледавме сите случаи и нема барање до Министерството што значи дека не сме дале никаква дозвола за такви активности во тоа место. Прво се грижиме за здравјето на нашите граѓани. За таа работа има закони и правила, доколку дојде барање од било која фирма, прво контактираме со општината да се увериме за која област станува збор, дали е таму дозволена индустриска дејност. Ако не е дозволена не можеме да дадеме дозвола“, изјави Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.

Освен од Државниот инспекторат, на фабриката пред врата ѝ стои и Општинскиот инспекторат за животна средина. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски рече дека освен што ќе констатира оти фабриката нема дозвола за работа, ќе го испрати и Урбанистичкиот инспекторат, бидејќи се работи за објект без градежна дозвола.

Димитриевски вели дека фабриката е надвор од општинската индустриска зона „Новине-Речица“, но и да била внатре, не се амнестира бидејќи просторот е од типот Г2. Тоа значи само за лесна индустрија што не ја загадува животната средина. Додека сите надлежни институции креваат раменици и велат дека не дале дозвола за работа, жителите прашуваат кој стои зад сопственикот, велејќи дека тој инвестирал околу 1 милион евра и без дозвола и без тапија.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button