ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Двајца кандидати за градоначалници нуделе поткуп, Обвинителството отвори предмет

Кандидати за градоначалници во Тетово и во Делчево се фатени како нудат поткуп на гласачи за гласа повеќе во нивна полза. Тој во Тетово нудел бекатон плочи во замена на глас, а кандидатот за градоначалник на Делчево на Градскиот пазар дал 3000 денари за глас во негова корист. Освен овие случаи, речиси секое обвинителство отворило по некој предмет за изборни нерегуларности. Во скопското има три предмети – едниот предмет е за непознати лица кои пукале за време на митинг на политичка партија во текот на изборната кампања, а се бараат и лицата кои упатиле закани кон кандидат за советник на Град Скопје. Ќе одговора и гласач кој скинал гласачки ливчиња.

Обвинителството ги набројува сите дела преземени од надлежните обвинители низ градовите но во обемното соопштение нема ниту збор за случајот пријавен до амбасадата на САД од политичка партија за вооружени криминалци кои подготвувале попречување на изборниот процес. За овој случај Обвинителството вчера информираше дека ги проверува информациите.

Најголем број предмети се оформени во обвинителството во Кочани каде се водат постапки за лица кои агитирале на гласачките места, и за носителка на советничка листа која се движела со возило и нудела поткуп на гласачи. Исто така, постапка се води и против две лица кои се заканувале на своите сограѓани дека ќе ги избркаат од работа.

„По поднесени одделни кривични пријави од политички партии во кои се наведува дека лица вршеле влијание врз гласачи како да го остварат нивното гласачко право, оформени се четири предмети против вкупно седум осомничени. За сите се води постапка во кочанското обвинителство за сторено кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“, наведоа од Обвинителството.

Овие постапки за нарушување на изборниот процес треба да завршат по итна постапка, а казните се движат од парична казна до казна затвор од 5 години.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button