ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Факултетите немаат довлно експерти за супервештачење на автобусот од трагедијата кај Ласкарци

Ново одолговлекување на судскиот процес „Ласкарци“. Страотната сообраќајна несреќа со автобусот на „Дурмо Турс“ од февруари 2019 година сè подалеку од пресуда. Техничкиот факултет од Битола, штипскиот Универзитет, како и скопскиот Машински факултет не можат да направат супервeштачење за тоа како настанала несреќата. Од овие три факултети му пишале на Судот дека немаат доволен број лиценцирани вештаци за таква експертиза, зашто дел од нивните вештаци веќе учествуваа во некоја од анализите за сообраќајната несреќа кај Ласкарци,  по барање на Обвинителството или на  одбраната.

Супервештачењето го бараше Кривичниот суд, поради презенитрани спротивставени вештачења од обвинителството и одбраната и е клучно за да се донесе пресуда. Судот веќе се обратил на друга институција.

„Предметот е веќе испратен во Бирото за судски вештачења кои имаат можност да формираат тим од лиценцирани вешти лица и да го изготват супервештачењето“, велат од Основниот кривичен суд.

Од автобуската несреќа ќе поминат речиси три години, а судењето се уште трае. Од Кривичниот суд велат дека пред пандемијата, судењето се одвивало со утврдена динмика, но потоа поради новиот план за работа, во Судот приоритет им се даваше на притворските предмети. Притворски беше и предметот Ласкарци, но откако Апелација ги укина притворите на осомничените,  овој случај се тргна од приоритетната листа. Рочиштата за случајот „Ласкарци“ во меѓувреме неколкупати се одлагаше поради излоација и болест на судечкиот совет, обвинетите и адвокатите.

„Во тектот на оваа година предметот се води според предвидениот интензитет со што беа сослушани сите предложени и прифатени сведоци, оштетени и вешти лица. Преостанува само да се изведе и супервештачењето со што доказната постапка ќе биде затворена и предметот ќе премине во фаза на завршни зборови и пресуда“, наведуваат од Основниот кривичен суд.

Следното судење за несреќа кај Ласкарци е закажано на 25 јануари догодина. До тогаш ќе треба да се знае дали Бирото за судски вештачења ќе се согласи да направи супервештачење и за колку време ќе може да го достави до Судот. На 13 февруари 2019 година на автопатот Скопје – Тетово, во близина на Ласкарци излета автобусот на „Дурмо Турс“. 16 патници починаа, а 38 беа повредени. Обвинети се шест лица, меѓу кои газдата на Дурмо-турс и возачот на автобусот.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button