ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Филипче ја најави првата пратка вакцини, ВМРО-ДПМНЕ бара детали

Едвај три илјади граѓани ќе можат да се вакцинираат против ковид 19 со првата пратка вакцини која треба да пристигне идниот месец. Министерството за здравство соопшти дека 5.850 дози вакцини од компанијата „Фајзер“ ќе стигнат во февруари, а до крајот на годината ќе бидат обезбедени 800.000.

„Договорот беше дефиниран утрово во телефонски разговор на министерот Венко Филипче и висок претставник на компанијата прозиводител на вакцини против ковид 19. Првите 5.850 дози вакцини на Фајзер ќе стигнат во февраури, потоа ќе следува пратка со поголема количина во март, април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе се утврди“, наведоа од Министертството за здравство.

Реакции за вакцините стигнаа од опозициската ВМРО ДПМНЕ, од каде обвинуваат дека власта не обезбедува доволно количини за целото население, ниту има прецизен план кога и колку вакцини ќе стигнат во земјава.

„Ова е доволно да се вакцинира отприлика само еден град колку Злетово кој брои помалку од три илјади жители. Филипче продолжува со некакви полуинформации дека во директни преговори се обезбедени 800.000 дози за цела 2021. Детали за тоа кога и колку вакцини ќе стигнат нема“, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во земјите од регионот вакцинацијата започна кон крајот на декември кога пристигнаа и првите дози од вакцината на „Фајзер“. Српските власти известија дека денеска очекуваат втора тура од околу 19.500 дози со кои до крајот на неделата ќе се вакцинираат 10 илјади граѓани. Во Бугарија вчера пристигнала втората пратка од 25 илјади вакцини, а албанскиот премиер Еди Рама најави дека обезбедиле 500.000 дози од кои првите 10.750 вакцини ќе пристигнат третата недела од јануари и дел од нив ќе донираат за Косово.

Вакцината на Фајзер се чува во фрижидери на -70 целзиусови степени кои во земјава треба да бидат обезбедени во текот на месецов. Приоритет за вакцинирање се очекува да имаат лекарите, медицинскиот персонал и сите други кои се на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните и повозрасните граѓани.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button