ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Коритото на Црн Дрим претворено во депонија

Купишта отпад за добредојде во Струга. Реката Црни Дрим се дави во ѓубре, а најлоша е ситуацијата кај ромската населба на влезот од градот. По намалувањето на нивото на реката, целата човечка негрижа повторно излезе на површина.

Таква е првата слика за Струга. Градот кој заедно со Охрид се декларира за најголем туристички центар во државата. Покрај купиштата смет, се шири и неподнослива миризба од отпадните води кои се влеваат во самата река.

И од другата страна на реката може да се забележи најразновиден отпад од пластика, градежен шут, до отпадоци од домаќинствата. Граѓаните велат, дека ова не ѝ доликува на Струга.

„Треба да се води малку повеќе сметка, бидејќи сликата е недолична. Особено кога е повлечена водата во овој период е многу гадно. Како што се сега изборите, треба актуелниот градоначалник и другите, да посветат малку внимание. Да прошетаат, не е далеку, да видат што се случува“…

„Ова е голем срам за Струга бидејќи се сметаме за туристички град и како таков не личи сликата со тој отпад фрлен на сите страни. Секој кој доаѓа на власт ветува дека ќе стори нешто, но ништо не се презема за решавање на проблемот. Власта се менува, но проблемот останува со се отпадот фрлен на сите страни. Катастрофа за Струга“…

„Не е само реката. Лоша слика за градот дава и самата депонија која е на самиот влез на градот. Кој доаѓа на власт вели дека ќе го реши, но ете уште не е решено“, реагираат граѓаните.

Отпад има и во самата наслеба. Па жителите стравуваат дека ова е полошо и од корона вирусот.

„Полошо од ковид, вистина е. И навечер доаѓа посебно некоја непријатна миризба и потоа ќе ми текне дека е од таму“…

„Нема спас. Никој ништо не презема. Вода нема за пиење. Два дена беше загадена водата, вториот ден на ФБ напишаа дека е загадена. Во недела се подготвуваш за работа, луѓето се капат, а вода нема. Која хигиена“, додаваат жителите.

Во оваа населба во нехумани услови и во трошни куќарки живеат триесеттина семејства од ромска националност. Според актуелниот градоначалник Рамиз Мерко, уште во март годинава со Деталниот урбанистички план предвидена била изградба на две социјални згради во кои би се сместиле овие семејства. Но, од АД за Стопанисување со станбен и деловен простор, Струга не се споменува како општина каде е во план изградба на таква зграда.

Инаку неодамна преку европскиот Центар за правата на Ромите во Брисел, беше спроведена петиција потпишана од жителите на оваа ромска населба, за обезбедување соодветно социјално домување.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button