ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски – Брнабиќ: Силната регионалната соработка – основа за забрзан економски развој

Долгогодишните и традиционално добри билатерални односи кои дополнително се зајакнуваат од година во година, низ интензивен и пријателски политички дијалог потврден со редовни и чести средби и посети на високо ниво, беа потврдени на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со неговата српска колешка Ана Брнабиќ.

На средбата е посочено дека од посебно значење беше помошта и поддршката од Србија за време на Ковид-кризата, кога оваа земја го помогна справувањето со пандемијата со вакцини и друга медицинска помош.

Ковачевски на средбата со премиерката на Србија се заблагодари за отстранувањето на забраната за извоз на житни производи и масло за јадење, со што покажа разбирање и солидарност како дел од својата определба за соработка во регионот.

– Претседателите на Владите на Северна Македонија и Србија, Ковачевски и Брнабиќ ја потенцираа комуникацијата и партнерството на највисоко ниво во рамките на Иницијативата Отворен Балкан како дополнителен импулс за регионална соработка, добрососедство и имплементација на европските вредности во нашиот регион, се наведува во соопштението.

На средбата стана збор и за подготвеноста на двете страни за организирање третата заедничка седница на двете влади, како позитивен поттик за натамошниот развој и интензивирање на односите и соработката, особено во економската соработка.

Србија е трет најголем трговски партнер на Северна Македонија, а премиерите Ковачевски и Брнабиќ констатираа дека вкупна вредност на трговската размена од над една милијарда долари, што бележи раст токму за време на пандемијата, е јасен знак дека економската соработка треба да продолжи да се унапредува со континуирани „Б2Б средби“ и бизнис форуми, како и со заедничко вмрежување за настап на трети пазари.

Како посебно значајни за поврзување на регионот, на средбата беа оценети автопатните и железничките инфраструктурните проекти на Коридорите 10 и 8.

– Во однос на евроинтеграцијата на регионот, претседателите на Владите, Ковачевски и Брнабиќ оценија дека сега е вистински момент Северна Македонија и Србија да ги започнат преговорите со ЕУ и дека тој чекор ќе биде позитивен сигнал за целиот регион од аспект на неговата геостратешка важност и стабилност.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button