ВЕСТИРЕГИОН

Квалитетот на воздухот во Западен Балкан е најлош во Европа

Земјите од Западен Балкан мора веднаш да започнат итни мерки за намалување на загаденоста на воздухот, бидејќи квалитетот на воздухот во регионот е најлош во Европа, соопшти Европскиот фонд за Балканот, кој ја спроведува својата кампања „Обединет Балкан за чист воздух“ со организации од регионот.

Учесниците во регионалната кампања, вклучително и организации од Белград, Приштина, Подгорица, Зеница, Скопје и Тирана, ги повикаа институциите и граѓаните на земјите од Западен Балкан да работат заедно и да спречат прерана смрт на 30.000 луѓе секоја година. Повеќето од нив се припишуваат на изложеноста на честички, кои главно произлегуваат од електрани на јаглен.

-Емисиите на загадувачи во воздухот од големите електрани во повеќето земји во регионот ги надминуваат пропишаните гранични вредности. Според последните податоци, електраните на јаглен во Западен Балкан испуштаат повеќе сулфур диоксид од сите такви централи во ЕУ заедно. На глобално ниво, јагленот станува минато, а денес е поисплатливо да се градат соларни електрани отколку да се одржуваат постоечките термоелектрани. Компаниите кои произведуваат и користат јаглен се соочуваат со зголемени трошоци за лиценци за испуштање јаглерод диоксид и за усогласување со еколошките регулативи, па затоа ги забрзуваат своите планови за затворање или префрлање на други енергенси, се наведува во соопштението по повод завршувањето на кампањата.

Додека инвеститорите во поширокиот регион ги откажуваат своите планови за изградба на нови централи и затвораат или најавуваат затворање на десетици постоечки, Србија и Босна и Херцеговина, се наведува, и понатаму даваат приоритет на изградбата на нови термоелектрани.

„Обединет Балкан за чист воздух“ ја нагласува неопходноста од регионална соработка во трансформацијата на енергетскиот сектор и системот за заштита на животната средина, со што би се подобрила и економијата и јавното здравје.

Помеѓу декември 2021 и април 2022 година, во рамки на кампањата споделени се информации за шест важни теми поврзани со загадувањето на воздухот во Западен Балкан, промовирајќи ги преку сите достапни канали, социјални мрежи и традиционални медиуми во регионот, создавајќи мрежа од повеќе од 500 организации, поединци и професионалци. На тој начин и со добивање на публицитет преку повеќе од 300 медиумски прилози, оваа кампања, наведуваат. успеа да допре до еден милион граѓани.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ бара носителите на одлуки да ги пренасочат своите политики во форма на итни мерки за намалување на загадувањето на воздухот, во согласност со заложбите од Зелената агенда за Западен Балкан потпишана од токму тие носители на одлуки во Софија на 10 ноември 2020. Во регионален контекст, Зелената агенда подразбира регулирање на прекуграничното влијание на аерозагадувањето, усвојување стратегии за подобрување на квалитетот на воздухот, подигање на капацитетите на системите за мерење на квалитетот на воздухот и целосно елиминирање на субвенциите за јаглен.

Исфрлањето на јаглен во производството на електрична енергија е најважната мерка за подобрување на квалитетот на воздухот, а значајна улога може да одиграат и замената на котлите за домаќинствата со поеколошки решенија, соларни панели на покривите и проекти за подобрување на енергетската ефикасност.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button