ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Маричиќ најавува онлајн судења, експертите се чудат

Синхронизиран настап на фејсбук на министерот и заменикот во Министерството за правда. И Бојан Маричиќ и Агим Нухиу порачаа: Време е за он лајн судења. Но од Министерството за правда не кажуваат како ќе ги променат законите за кривична и за парнична постапка за што треба двотретинско мнозинство во Парламентот. Таква поддршка власта нема. Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој ја води експертската комисија за измени на Законот за кривична постапка, вели дека досега никој од Министерството за правда не ги консултирал.

„Мене ниту сега како досегашен претседател на комисијата, а мислам и дека комисијата сè уште се нема состанато со новиот министер. Ме нема никој прашано ниту како експерт, ниту како професор по кривична постапка за тоа што мислам за ова или за други прашања и вреди да се отвори јавна расправа, но далеку од брзи решенија“, вели Гордан Калајџиев, Универзитески професор.

Калајџиев смета дека решение е процесите кои се од висок интерес за јавноста да се судат во големи судници каде можат да се почитуваат протоколите против коронавирусот. Порачува да не се брза со политички ветувања за он лајн судења, туку да се преземе некое искуство од странство каде ваков систем функционира целосно.

„Политичарите имаат свои проблеми и тие мислат дека или во прв план ги ставаат дневно-политичките потреби, како тоа ќе изгледа и се далеку од реалните проблеми на судството…“, додава проф. Калајџиев.

Дека нема законски услови за он лајн судења веќе порачаа претседателот на Граѓанскиот суд, Илир Сулејмани, како и Државниот обвинител Љубомир Јовевски. Иако новиот министер рече дека можеби е возможно да се стигне до двотретинско мнозинство за измени во двата закона, од ВМРО – ДПМНЕ посочија дека досега нема никаква иницијатива ниту разговор со власта за организирање на судски рочишта преку интернет.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button