МАКЕДОНИЈА

Месиќ: Македонската нација е историски факт, не ја создал ниту Тито, ниту Коминтерната

Сметам дека односот меѓу Бугарија и Македонија, во времето додека Македонија беше во рамките на Југославија, одамна е апсолвирано прашање и дека тука не смее да има никакви проблеми. И сите оние што сега го потегнуваат таквото прашање очигледно можат само да им пречат на односите меѓу Македонија и Бугарија, но и на мирното решавање на проблемите во целиот регион, вели поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ во интервју за МКД.мк.

Тај нагласува дека бугарското вето кон земјава не е во согласност со европските вредности, ниту во европски интерес.

– Во тоа и е работата, бидејќи ако дефинитивно било решено прашањето за односите меѓу Југославија и Бугарија, а со тоа и на Македонија и Бугарија, мислам дека сега не е ни во европски интерес, ни во интерес на регионот, а на крајот ни во интерес на Македонија, ни на Бугарија, да се поставуваат прашања што веќе се решени, кои дефинитивно се решени, кои се апсолвирани, вели Месиќ.

Месиќ потенцира дека македонската нација е посебна нација, како и македонскиот јазик и оти не држат тврдењата дека се создадени од Коминтерната.

– Никаква Коминтерна не го создала ниту бугарскиот, ниту македонскиот јазик. Бидејќи и едниот и другиот јазик се јазици што ги говорат посебните народи, бугарскиот народ – бугарски, македонскиот народ – македонски. А, сличности има. Има и меѓу српскиот и хрватскиот, па Србите го нарекуваат српски, Хрватите – хрватски, Бошњаците – бошњачки, Црногорците – црногорски. Не гледам ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет. Македонската нација постои, таа е историски факт и секој што тука нешто проблематизира, всушност им штети на односите во цела Европа, нагласува Месиќ.

Во однос на тврдењето дека Тито ја создал македонската нација, Месиќ одговара дека Тито никого не го создал, туку само ги констатирал фактите.

– Ако е така, тогаш би значело дека Тито ги создал и Србите и Хрватите и Словенците. Ние бевме во една државна заедница, Кралство Југославија, во кое не беа решени националните прашања. Националните прашања кај нас се решени во Народноослободителната борба, која ја водеше маршалот Тито. Но секој народ го извојува своето право и да има свој јазик и да има своја територија и идентитет, вели Месиќ.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button