ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мијалкови почнаа да градат хотел на елитен плац во Охридско

Невладини организации алармираат дека во непосредбна близина на претседателската вила во Горица е уништена шума стара повеќе од седум децении. Станува збор за една од најатрактивните локации во Охрид, непосредно на самиот езерски брег. Таму сега почна да се гради хотел. Плацот беше продаден пред десеттина години. Има речиси 16 илјади квадрати и е во сопственост фирмата ДИВЕЛОП ГРУП Скопје на семејството Мијалкови, во чија сопственост е и хотелот Мериот.

Граѓанска иницијатива О2:
„ДИВЕЛОП ГРУП официјално на хартија е во сопственост на Александар Ивановски – познат како Алек Теранова и БЕСТ ВЕЈ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје, во сопственост на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков. Прашања кои се наметнуваат: Кој и зошто го продал ова државно богатство кое во минатото педа по педа макотрпно се пошумувало? Кој издал дозвола? Врз основа на каков план? Дали била транспарентна и правилна постапката за издавање на дозволата?“
Реагираат и граѓаните

„Тоа е лудост, кратко кажано. Каде најдоа таму да градат хотел, нема друго место. Ако малку размислат не би требало тоа да го прават, но нашата држава е само лудости. Некој им дал дозвола и тоа не било кој, сигурно некој поважен фактор.“

„Треба да се внимава, а не само хотели да се градат. Тоа е интересна локација, секоја градба покрај езерото не е добра работа.“

„Локацијата ја знаеме, ама кој гради не знаеме. Шумата ние ја имаме садено како младинци…“, велат граѓаните.

Од Општина Охрид велат дека во 2011 година, врз основа на претходно донесен план за населбата Горица било организирано јавно наддавање од страна на Министерството за транспорт и врски за продажба на државен имот. Договорот бил склучен со најповолниот понудувач. Во 2012 година било издадено одобрение за градење.

„…Целокупната постапка е започната и завршена многу одамна пред моето доаѓање на позиција градоначалник“, рече Кирил Пецаков-градoначалник на Охрид.

Од невладината организација „Охрид СОС“ велат дека на одржаното јавно наддавање била постигната највисока цена од околу 65 евра за квадрат, односно за целиот плац биле платени нешто повеќе од еден милион евра.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button