ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски до градоначалниците: Фатете се за работа, исполнете ги ветувањата

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од градоначалниците, советниците и сите функционери од редовите на коалицијата „Обнова за Македонија“ бара чесна, одговорна работа од нив. Тој овие пораки денеска им ги испрати на средба со градоначалниците од оваа коалиција. Мицскоски изјави дека градоначалниците општините ги затекнале задолжени.

„Општините се презадолжени. Во голем дел првичните информации велат и сведочат за злоупотреба на ресурсите, луѓе коишто земале плата а не оделе на работа“, изјави Мицкоски.

Но, и покрај ова тој на градоначалниците им порача дека задолженоста во локалната власт не треба да биде изговор за неуспех.

„Потребен е максимален ангажман од секој еден градоначалник за да се реализира ветеното. Промените кои ќе ја донесат новата иднина, треба да започнат и со промени во однесувањето на луѓето коишто се одговорни за општините. И тоа ќе побарам веднаш да се случи“, рече Мицкоски.

Тој од градоначалниците побара во наредните 30 дена да почнат активности за реализација на најмалку три капитални проекти од инфраструктурен карактер со кој, како што рече, ќе се решат значајни проблеми на граѓаните во тие општини.

„Да покажеме скромност во делувањето, градоначалниците да се откажат од привилегиите кои во минатото од нивните претходници во претходниот мандат се злоупотребуваа, ако и самата функција како можност ги носи. Потребно е да покажеме пред граѓаните дека тоа што го споменуваме, тоа го мислиме. Веднаш, а тоа апелирам да го направат и оние градоначалници коишто не се од редовите на Коалицијата за „Обнова на Македонија“ и на предлог на ВМРО – ДПМНЕ. Веднаш да се откажат од употреба или злоупотреба на службените возила надвор од службените потреби на Општината. Како и да нема злоупотреба на средствата на општината за ненаменски трошења, како што се ручеци коишто со својата сметка одговараат на можеби нешто друго, а не на пристојно однесување“, им порача Мицкоски.

Тој од градоначалниците побара да излезат на терен и да комуницираат со граѓаните за заедничко учествување во решавање на проблемите.

„Нашето место, како што тоа впрочем и го зборувавме во кампањата, не е во удобните фотелји, туку меѓу народот на кого му треба помош, бидејќи народот лошо живее. Секое едно ветување кое го дадовме не го забораваме. И тоа за мене е огромна одговорност. Довербата нема да биде прокоцката“, ветува Мицкоски.

 

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button