ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

На 12 мај инаугурација на Силјановска Давкова за претседател

Во недела на 12-ти мај ќе се одржи инаугуративната седница за новоизбраната претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова. Од Собранието соопштија дека спикерот Јован Митрески сега единствено чека да се финализираат процедурите во Државната изборна комисија.

„Претседателот Митрески ќе ја закаже Инаугуративната седница откако ќе го добие Извештајот од ДИК, рокот е до петок до 19 часот. Откако ќе го добие Извештајот ќе ја закаже Инаугуративната седница, која ќе се одржи на 12.05 (недела) во 12 часот“, наведуваат од Собранието.

Токму таа како нов шеф на државата ќе го додели мандатот за состав на нова Влада на победничката партија на парламентарните избори. Таа ова треба да го стори максимум десет дена откако ќе се конституира новиот парламентарен состав. Што се однесува до конститутивната седница на Собранието, предвидено е таа да биде закажана најдоцна 20 дена по одржаните избори, односно 28 мај. Оваа седница исто така се очекува да ја свика актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески, а доколку тоа не го направи, законските одредби предвидуваат на 21-виот ден од одржувањето на изборите новоизбраните пратеници сами да се состанат за конституирање на Собранието, а со оваа седница би претседавал највозрасниот пратеник.

Од Државната изборна комисија за Алсат информираат дека 48-часовниот рок за поплаки и забелешки за евентуално прекршување на избирачкото право за претседателските избори веќе тече и завршува утре. Исто така, тече и дводневниот рок за забелешки во однос на сумираните изборни резултати, откако ДИК вчеравечер после 19 часот започна да ги објавува првичните неофицијални резултати за избор на шеф на државата. И овој рок истекува утре, а засега ниту една партија нема официјална најава дека ќе ги оспорува резултатите, па така се очекува од недела Гордана Силјановска Давкова да започне да ја обавува функцијата претседател.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button