ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Новата зграда на театарот во Тетово ќе се гради со векови како Нотр Дам?

Новата зграда на театарот во Тетово ќе се гради со векови како Нотр Дам?

Почна да се гради во 2014 година. беше ветено дека ќе заврши во 2017. Но, на новата зграда на Театарот и библиотеката во Тетово, наместо за 3 години, сè уште не ѝ се гледа крајот. Во ноември ќе се навршат 8 години од почетокот на работите. Проблемите почнаа уште во првата фаза од реализацијата, првично со намалување на волуменот на објектот. Потоа почнаа доцнења во плаќањето и разни неправилности кои траат до ден-денес. Се тврдеше дека втората и последна фаза од изградбата ќе заврши оваа година, но рокот повторно се поместува. Новото ветување сега е дека објектот ќе биде готов до крајот на 2025 година, доколку сè оди според планот.

„Немаме кратење на буџетот и вака како почна работата на театарот во втората фаза и како што течат работите, очекувам 2025 година, односно крајот на 2025 година, според договорот, новиот театар да биде готов, ќе имаме супер-модерна зграда каква што заслужуваат тетовци“, изјави Арлинд Хусеини, раководител на проектот.

Покрај доцнењата со почеток на втората фаза, проектот еден период беше предмет на истрага и на Финансиската полиција, но од оваа институција не открија што констатирале во истрагата.

Доцнењето од околу една деценија ја отежнува работата на Тетовската библиотека, која е блокирана во многу тесен простор и без минимални услови за функционирање.

„Нема простор. Треба да ни излезат во пресрет бидејќи зградата има толку простор. Ни велат дека ќе има простор кога ќе се изгради новиот објект и тоа им е како алиби, а во меѓувреме за волја на вистината, тука нема услови ниту пет отсто за функционирање како библиотека или магацин за чување книги“, рече Махи Муртезани, Тетовска библиотека.

Истиот проблем го имаат и актерите на Тетовскиот театар. Пробите се изведуваат во лоши услови, во импровизирани сали и без потребни услови. Камен-темелникот на зградата на Тетовскиот театар и библиотека беше поставен на 28 ноември 2014 година.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button