ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Падна интересот за попишување на дијаспората, се попишуваа по 17.000 дневно, сега едвај 20!

Самопопишувањето на дијаспората започна нагло да опаѓа. Ако на почетокот на овој процес имаше случаи кога се попишуваа над 17 илјади печалбари дневно, откако пописот се одложи за септември, нивниот број сега не надминува 20 на ден. Дури и вкупниот број на попишани во дијаспората е далеку од очекувањата на претставниците на Државниот завод за статистика. Нивните очекувања беа дека во дијаспората ќе има околу 300 илјади попишани лица, додека досега се попишани околу 200 илјади. Заменик-директорот Илми Селами вели дека печалбарите треба да продолжат со онлајн пописот.

„Тие имаат поголема политичка зрелост од нас тука и убеден сум дека како и обично, тие правилно ќе го проценат овој процес и сите ќе се попишат. Очекувам пописот да се интензивира кон средината на август кога ќе завршат одморите и кога практично ќе бидеме во фаза на актуализирање пред почетокот на пописот во Македонија“, изјави Илми Селами, Заменик-директор на ДЗС.

Но, од здруженијата на печалбари велат дека интензитетот на попишување кај иселениците опаѓа. Од здружението „Илирија“ во Германија велат дека прават сè за да ги сензибилизираат тамошните иселеници да се попишат онлајн во овој период до септември.

„За жал, интересот за попишување значително е намален, иако не можам да дадам точен процент. Еуфоријата што беше на почетокот за овој процес во моментов ја нема. Ако прашаме зошто се случи ова, тоа е поради одложувањето на пописот за септември и изјавите на некои политичари кои не беа многу надежни и беа во спротивност со демократскиот процес. Ние преку здруженијата се организираме и повикуваме секој ден онлајн попишувањето да продолжи со тоа темпо. Но, би било добро нашите тамошни лидери да го упатуваат истиот апел на секоја средба или политичка активност за да имаат соодветен попис на дијаспората како население во таа држава“, рече Севдали Ќаили, Иселеник.

Пописот на печалбарите почна на 1 март, а требаше да заврши на 21 април, заедно со пописот на резидентното население. Но, со одложувањето на пописот за септември на дијаспората ѝ беше овозможено да продолжи да се запишува до 30 септември, кога мора да заврши и пописот во земјава.

Мефаил Исмаили

 

 

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button