ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Предан: Словенечкото претседателство со ЕУ ќе стори се за да се реши прашањето меѓу Скопје и Софија, но не можеме да ветиме политички чуда

Словенечкото претседателство со ЕУ е многу мотивирано да го реши прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија. Веќе има интензивна комуникација помеѓу нашето претседателство со Софија, со Брисел и со други земји членки на ЕУ. Би сакале да добиеме што е можно поскоро јасна слика за одредени позиции и не би сакале да чекаме до декември, туку доколку е можно порано да го решиме ова прашање.

Ова денеска го изјави словенечкиот амбасадор во земјава Милан Предан, презентирајќи ги приоритетите на словенечкото претседателство со Европската Унија на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања во Собранието.

За словенечкиот амбасадор потребна е политичка волја и прагматизам од двете страни. Тој нагласи дека не можат да ветат политички чуда, бидејќи, како што рече, во меѓународната политика тоа што можеме да го ветиме е напорна работа, тивка дипломатија.

Предан најави дека една од поважните приоритети на претседавањето на Словенија ќе биде проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

– Тоа ќе биде многу високо на нашата агенда. Нашиот главен настан на високо ниво што планираме да го направиме ќе биде Самитот ЕУ – Западен Балкан, на Брдо на 6 октомври и искрено се надеваме дека тогаш веќе ќе имаме, ако не одлука, барем една чиста перспектива, односно чисто гледиште како прашањето меѓу Софија и Скопје може да се реши, истакна Предан.

Амбасадорот посочи дека Словенија, по обидите на двете претходни претседателства, на Германија и на Португалија, ќе направи трет обид да се реши прашањето меѓу Скопје и Софија, согледувајќи ја политичката ситуација во соседството, и изразувајќи надеж дека Софија набрзо ќе формира нова Влада.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button