
Инфлуенсерите во Дубаи се предупредени дека би можеле да се соочат со затворска казна поради објавување материјал за конфликтот со Иран на социјалните медиуми.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ѝ порачаа на заедницата на инфлуенсери од Дубаи дека секоја содржина што се смета за штетна за „јавниот ред, националното единство и угледот на државата“ може да доведе до казни до 77.000 долари или затвор.
Една инфлуенсерка изјави дека избришала видео на кое се гледаат остатоци од ракета што горат пред нејзината зграда, бидејќи корисниците на социјалните медиуми „треба да бидат многу внимателни што зборуваат“, пренесе британскиот „Телеграф“.
Кампањата на групата „Detained in Dubai“ вели дека претходно застапувала неколку странски државјани во државата од Персискиот Залив кои биле приведени или казнети за објави на Твитер, Фејсбук, „стори“ на Инстаграм и пораки на WhatsApp.
Нејзините активисти велат дека многумина ќе бидат несигурни дали ја преминале законската линија со објавување информации за тоа како одбранбените системи на ОАЕ пресретнале ракетни напади од Иран.



