Филипче: Постојат сомнежи дека системот „Сејф сити“ штити луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во телевизиско гостување изрази сомневање дека системот „Сејф сити“ штити луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче рече дека СДСМ го поддржува подобрувањето на безбедноста во сообраќајот, но дека остануваат отворени прашања околу контролата и управувањето со податоците што ги собира системот.
„Што се случува со податоците. Како да поддржиме закон во кој што никако не е регулирано што се случува со податоците кои што системот „Сејф сити“ ги собира. Ве снимаат сегаде низ градот, никој не знае каде се податоците, ниту кој ги контролира. Имаме сознанија дека има регистарски таблички на членови на ВМРО-ДПМНЕ кои што преку системот „Сејф сити“ се тргнати да не се регистрираат, да не ги казнуваат своите луѓе“, рече Филипче.
Тој додаде дека ваквите информации се сериозни и дека во наредниот период очекува да има дополнителни детали.



