ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Претставник на Македонија за првпат со физичко присуство на министерски состанок во НАТО

Членството на С. Македонија во НАТО обезбедува стабилност во регионот, бидејќи земјата ги промовира вредностите на Алијансата на Западен Балкан и придонесува за надминување на заедничките предизвици. Ова го изјави министерот за надворешни работи Османи за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, каде нашата земја за првпат учествува со физичко присуство на нејзин претставник.

„Ова е историски момент за мене и за мојата земја. Ова е првпат министер за надворешни работи да седи физички на масата на министерски состаноци, претставувајќи ја С. Македонија како полноправна членка. Во следните денови ќе ја славиме првата годишнина, станавме членка на 27 март минатата година. Членството во НАТО е реализација на нашата стратешка цел.“

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг најави преиспитување на Стратегијата со која функционирањето на НАТО би се прилагодило со тековните предизвици.

„Нашето единство зависи од нашата посветеност да се штитиме едни со други, користејќи повеќе заеднички фондови во одбраната. НАТО 2030 е за проширување на безбедносната агенда, помирувањето, обезбедување релевантна инфраструктура, телекомуникации, 5G мрежа, технологија и справување со климатските промени. Сите овие прашања се важни за нашата безбедност и НАТО мора да ги реши на време.“

Државниот секретар на САД, Блинкен вети дека ќе се ревитализира партнерството меѓу САД и Алијансата.

 „Главната причина зошто сум овде и зошто претседателот Бајден од нас побара да учествуваме е повторно да ја активирам посветеноста на САД кон НАТО и нашето партнерство. Ние сме решени да го ревитализираме нашиот сојуз и нашето партнерство.“

Теми на дискусии на Самитот се загриженоста околу делувањата на Кина и Русија, како и иднината на мисијата на Алијансата во Авганистан, каде има 9.600 војници.

 

Анеса Салиху

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button