ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Продолжува и кампањата за парламентарните избори

Продолжува и кампањата за парламентарните избори

На вчерашниот митинг во Кавадарци, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека СДСМ во моментов работи на две сценарија кои, како што рече, се губитнички за Македонија. Едното од нив било бојкот на изборите кое води кон уставна криза. За сценаријата да не се остварат, Мицкоски повика на масовна излезеност на изборите на осми мај.

„Сакаат да бојкотираат, затоа што народот не ги сака и ќе доживеат тежок дебакл. На тој начин сакаат свесно да предизвикаат нова уставна криза. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да оредели колку министерства ќе му остави на СДСМ“, рече Христијан Мицкоски – ВМРО-ДПМНЕ.

Носителот на кандидатска листа на СДСМ во двојката, Оливер Спасовски од друга страна повика што повеќе граѓани да излезат на претстојните избори, бидејќи, како што вели, со гласот за СДСМ нема да се вратат настаните од 27 април, од упадот во Собранието. Спасовски истакна дека насилниците не смее да се нарекуваат уставобранители, ниту пак да бидат помилувани и да им се прости за стореното.

„Овој десничарски режим во тоа време направи удар врз Уставот, државата и врз демократијата. Важно е да знаеме дека ваквиот пристап на една политичка партија може да ја сруши демократијата и слободата на граѓаните и на државата. Затоа треба да излеземе масовно на изборите и да гласаме за Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата“, нагласи Оливер Спасовски – СДСМ.

ДУИ денеска ја продолжува изборната кампања со средби со граѓани. Претседателот на партијата Али Ахмети ќе ги посети Кичево, Пласница и Долнени. Опозициската коалиција „ВРЕДИ“ пак, ќе ја презентира програмата „2030“ со носителите на кандидатските листи, во Тетово.

Од останатите партии кои денеска продолжија со изборните активности, носителот на листа во втората изборна единица за коалицијата „Храбро за Македонија“, Љупчо Ристевски, повтори дека тие ќе се залагаат за зачувување на македонскиот идентитет.

„Нема промена на Уставот по ниту една закана, уцена, притисок од било чија страна. Тоа значи дека се додека не го затвориме целокупниот корпус на македонксите национални и идентитетски прашања, оние црвени линии за коишто македонскиот народ се залага во татковината Македонија, нема да се чепне Уставот по ниту една основа“, рече Љупчo Ристовски – „Храбро за Македонија“.

Денеска и Левица оствари средби со граѓаните во Тетово. Оттаму набројаа дел од економските ветувања, меѓу кои и заштита на домашното производство преку протекциони мерки, национализација на сите дистрибутивни мрежи во Македонија, задолжителни полици за македонски производи во сите маркети, државна комерцијална банка за бескаматно наменско кредитирање, како и гарантирани цени за најосновните прехранбени намирници./Алсат,мк

Лука Андрев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button