ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Претседателски избори; за Пендаровски борбата почнува од нула, а Силјановска на 8 мај очекува политички вулкан

Претседателски избори; за Пендаровски борбата почнува од нула, а Силјановска на 8 мај очекува политички вулкан

„Борбата почнува од нула, како да немало прв круг“, истакна кандидатот за претседател Стево Пендаровски пред крушевчани. Тој порача дека наместо нов Устав и враќање назад во историјата, на граѓаните на оваа земја им се потребни подобри услови за живот, подобра економија, поголеми инвестиции и работни места за младите. Пендаровски ги негираше обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

„Нашиве политички противници, кои се се уште убедени дека ќе победат, нека живеат со тоа уверување, почнаа да кажуваат муабети што ги зборуваат уште од првиот круг, дека разликата ќе била толку голема и ќе сме немале никакви шанси да победиме и затоа ќе сме бојкотирале. Дали е логично да доаѓам јас во Крушево ако мислам да бојкотирам? Јас мислам заедно со сите вас да победам“, рече Стево Пендаровски – кандидат за претседател.

Претходно во текот на денот, во Крушево беше и кандидатката Гордана Силјановска Давкова. Таа порача да се искористи гласот, бидејќи тој, како што вели, носи значајни одлуки. Давкова најави дека како претседателка ќе биде блиску до граѓаните преку народните канцеларии и во зависност од нивните забелешки ќе ги утврдува приоритетите. До крајот на кампањата таа кажа дека нема да го анализира противкандидатот, туку она што не го направил и она што таа ќе го прави.

„Говорам за тоа што мора да го направиме. Се надевам дека ќе продолжи така. Јас имам ветер во грб, реков дека на 24-ти ќе се случи политички земјотрес, мислам дека погодив, а на осми очекувам вулкан, ама политички, не вистински, зашто оваа земја заслужува да биде пристојно место за живеење“, рече Гордана Силјановска Давкова – кандидат за претседател.

На Пендаровски и Силјановска им остануваат уште девет дена од изборната кампања за претстојниот втор круг на претседателските избори на осми мај./Алсат.мк

Лука Андрев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button