Ревизија: 88 отсто од јавните набавки во време на пандемијата се без објавен оглас
Меѓу забелешките на ДЗР се дека недостасувале јасно дефинирани карактеристики на заштитната опрема за ковид-19 што е ризик за набавка на недоволно квалитетна стока, како и дека различни институции за исти или слични стоки плаќале различни цени

На секои десет јавни набавки во земјава поврзани со ковид-19, дури девет биле спроведени со директно преговорање наместо со објавување јавен оглас. Ова го соопшти Државниот завод за ревизија (ДЗР) по направената ревизија на набавките на 19 институции чија намена била заштита и превенција од ковид-19.
Ваквиот начин на спроведување на набавките, велат ревизорите, не овозможува еднаков третман и конкуренција помеѓу фирмите.
„Во отсуство на прецизно дефинирање на критериуми за ‘итноста’ на набавките и видот на стоки, услуги и работи кои можат да се набавуваат во време на вонредна/кризна состојба, не може да се потврди во целост оправданоста на итноста на дел од постапките. Воспоставениот начин на спроведување на постапките – со преговарање без објавување на оглас – не овозможува еднаков третман и конкуренција помеѓу економските оператори. Имено, за дел од постапките за јавни набавки спроведени се преговарања со еден економски оператор“, соопштија од ДЗР.