ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се актуализира прашањето за една изборна единица

Уште еден предлог за промена на изборниот модел во една изборна единица. Иницијативата доаѓа од Демократскиот сојуз, Левица, Либерално -демократската партија, Народната партија и пратеникот Панчо Минов. Пратениците на помалите партии во Собранието бараат една изборна единица, да остане пропорционалниот модел и да нема изборен праг, а сметањето на бројот на пратеници да се прави според донтовата формула. Тие велат дека имаат поддршка од над 20 пратеници кои не се дел ниту од СДСМ ниту од ВМРО ДПМНЕ.

Премиерот Зоран Заев рече дека неговата партија е за една изборна единица, но бара консензус за кој вели дека има време, до изборите во 2024 година.

Заев смета дека на локалните избори треба да се спроведе моделот со отворени листи. За отворени листи е и нивниот коалициски партнер Беса, но тие не го поддржуваат моделот со една изборна единица.

„Сметаме дека би било подобро да се реформира изборниот систем, од шестте изборни единици што ги имаме во моментов, на три изборни единици. Три единици најдобро би рефлектирале што е Македонија и географската поделба и политичката поделба и етничката поделба“, рече Фадил Зендели, Беса.

И за ВМРО ДПМНЕ, одлуката мора да биде консензуална. Тие не го коментираат предлогот пред тој да биде разгледан од партијата.

Алијанса за Албанците и Алтернатива имаат различно мислење од другите партии и нивниот став ќе го откријат за време на расправата за Предлог законот. Тие не прифаќаат да останат надвор од дебатата за Изборниот законик.

„Тоа што предложените измени на Изборниот законик се прават меѓу двете најголеми македонски политички партии за нас како коалиција Алијанса и Алтернатива е скандал сам по себе. Ако СДСМ ја претставува и ДУИ, ВМРО ДПМНЕ не не претставува нас“, рече Скендер Реџепи, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Политичките партии досега многу пати ја актуелизираа темата за промена на изборниот модел, но никогаш не постигнаа консензус.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button