ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тетово ќе бара граѓаните и фирмите да си ги платат неплатените даноци

Граѓаните на општина Тетово кои не платиле даноци и други давачки, треба да се спремат да си ги откопчаат паричниците бидејќи наскоро ќе треба да ги платат сите долгови кои ги имаат кон општината. Актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами вели дека се разгледува методологијата преку која ќе се наплатат овие пари кои инаку требало да влезат во општинската каса во текот на изминатите 4 години. Тој верува во свеста на граѓаните, но не ја исклучува можноста правните или физичките лица кои сакаат да го избегнат плаќањето даноци, да бидат условени со законски форми да го направат тоа.

„Прво ќе ги доставиме сите документи или решенија кои ги обврзуваат граѓаните да си ги платат обврските кон општината. Прво, фокусот ќе биде ставен на подобрување на услугите што ги дава општината, со што значително ќе се зголеми наплатата на даноците. Од друга страна ќе ги информираме граѓаните за обврските што ги имаат кон локалната самоуправа и тука ќе дојде до израз системот на дигитално плаќање на данок. Начинот на условување или насилна наплата на данокот ќе биде последниот начин и верувам дека нема да има потреба да го користиме тоа“, рече Биљал Касами, градоначалник на Тетово

Долгот на тетовчани кон општината е многу поголем од она што го откривме вчера. Во општинската каса недостасуваат 5 милиони евра, од кои 3,5 милиони се само од неплатен данок на имот. Касами открива дека домаќинствата и фирмите не секогаш ги добивале фактурите за наплата.

„За жал, механизмот или начинот на кој тие го користеа не бил ефективен и не секогаш решенијата биле доставувани до граѓаните. Немало редовно информирање или сензибилизирање на граѓаните за обврските што ги имаат кон локалната власт. Претходната власт не успеа да ги собере основните приходи и тоа воопшто не била вина на граѓаните, а за тоа говори и фактот што ние за три месеци успеавме без никаков механизам да собираме повеќе даноци од тоа што тие го правеле за 9 месеци“, рече Биљал Касами, градоначалник на Тетово.

Тетово е една од општините во земјава со најголем долг на национално ниво, односно над 24 милиони евра. Владата во 2018 година му плати 50 отсто од долгот на Тетово, но тоа во следните години не смени ништо на подобро, па локалната власт продолжи да трупа нови долгови. Од 8 милиони евра колку што изнесувале долговите во 2013 година, на крајот на 2021 година тој достигнал 14 милиони, вклучувајќи ги тука и долговите на јавните претпријатија и училиштата. /Алсат.мк

Подготви: Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button