ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тужби против три лица за нападот врз градоначалникот на Арачиново

Тројца членови на семејството Ајвази од Арачиново, според МВР, ќе одговараат за насилство, по вчерашниот напад врз градоначалникот на општината Ридван Ибраими. Министерството за внатрешни работи соопштува дека по пријава од страна на градоначалникот, полициските единици ги привеле трите лица со иницијали Р.А., Б.А. и Р.А., кои се членови на семејството на првиот човек на огранокот на ДУИ и поранешен градоначалник на општина Арачиново, Брахим Ајвази.

Сегашниот градоначалник Ридван Ибраими, соопшти дека нападот врз него го извршиле три лица кои штотуку почнале со работа, а оти мотивите се поврзани со неисполнување на нивните лични и деловни барања.

„Првин сакаа именувањата на директорите на основните училишта да бидат според нивните барања, не исполнувајќи никакви законски критериуми, преку кои полесно ќе ги остварат своите цели и ќе бидат во нивна служба… Без разлика на природата на нападите, вербални, физички, медиумски или виртуелни, нема враќање назад од овој пат по кој тргнав“, рече Ибраими.

Но, наводите за физички напади ги отфрли шефот на огранокот на ДУИ, Брахим Ајвази. Според него, проблемот лежел во пријателството на Ибраими со СДСМ, со хулигани и наркозависници кои го нарушувале редот и мирот во Арачиново.

„Ние како огранок и поширокото членство побаравме директорот на училиштето, кој беше именуван во 2018 година во училиштето „Ѓерѓ Кастриоти Скендербег“ во Арачиново да биде сменет со кадар на ДУИ. Повеќе тоа не се бара. Не е точна веста која кружи од страна на градоначалникот на општината дека бил нападнат од семејството Ајвази“, рече Ајвази.

Ридван Ибрахими на функцијата градоначалник беше избран во 2021 година по победата над поранешната градоначалничка од редовите на СДСМ, Миликије Алими. Пред Алими, градоначалник на општината беше Брахим Ајвази.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button