ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во власта нема едногласност за историските препораки со Бугарија

Нема едногласност во владината коалиција околу усвоените препораки на Мешовитата историска комисија за учебниците и заедничкото чествување на историски личности со Бугарија. Од партијата на Павле Трајанов, слично како и опозицијата, обвинија дека се отвора процес на бугаризација на Македонија. Според Демократски сојуз, треба да се преиспитаат ризиците од прифаќањето на препораките на историчарите.

„Ваквите решенија не водат кон нормализирање и унапредување на соработката меѓу двата народа и двете држави, што е наш заеднички интерес. Напротив, тие ќе ја продлабочат недовербата во целиот процес и ќе отворат многу други болни прашања на внатрешен план. Инаку, само носители на политички и државни функции, без национална свест и интегритет, како и со лукративни цели, можат да не водат сметка за македонските национални и државни интереси“, наведоа од ДС.

Но, СДСМ и ВМРО – Народна на Љубчо Георгиевски, го поздравија решението на историчарите.

„Усвоените препораки за учебниците во основното образование се на база на реципроцитет и ќе бидат доставени и до македонската и до бугарската влада. Препораките се усвоени од стручна и независна комисија, без какви било политички влијанија и тие воопшто не ги допираат идентитетските прашања“, рече Даниела Николова – пратеник на СДСМ.

„Во заедничкиот договор се изнесени многу добро познати факти за целата светска и балканска византологија и медиевистика, а оние кои гласно се чудат треба да се запрашаат, не за фактите, туку за тоа што некој ги манипулирал и ги учел со лажни податоци. Прашањето е дали некој сака да се соочи со фактите или да живее во лаги“, велат од ВМРО-НП.

Опозициските партии од македонскиот блок претходно обвинија дека власта врши национално предавство. Според ВМРО-ДПМНЕ, власта се откажала од сè што е македонско, прифаќајќи дека цар Самоил бил бугарски цар. Од Левица пак, обвинија дека Мешовитата историска комисија е – како што велат, продолжена рака на владејачкиот режим.

Инаку, меѓу договореното е и тоа дека царството на Цар Самоил, според поголемиот дел од современата историска наука, било бугарско, а се наоѓало на територијата на Македонија. Скопје во учебниците треба да смени некои карти од античкиот период, додека бугарските институции би требало да поправат некои лекции каде што пишува за бугарските земји.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button