ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Без дозвола за транспорт сообраќаат најмалку 160 возила во земјава

Во земјава и натаму се возат авотобуси и комбиња што немаат дозволи за превоз на патници. Полицијата откри нови четири автобуси и две патнички возила кои превезувале патници иако немале документи за меѓународен превоз.

Проверките на полицијата биле кај границата Табановце. Еден од автобусите е со дански таблички, другите со македонски. Транспортниот инспекторат им пишал казни на возачите и фирмите во чија сопственост биле возилата.

„При контрола на автобус со гостиварски регистарски ознаки, управуван од С.Б.(43) од Прилеп, автобус со тетовски регистарски ознаки, управуван од А.Л. од с.Челопек, Тетовско, автобус со скопски регистарски ознаки, управуван од С.Д.(63) од Скопје и С.Т.(52) од с.Горно Косоврасти, Дебарско и автобус со данска национална ознака, управуван од Р.С.(42) и Ш.И.(52), двајцата од с.Нераште, општина Теарце, било констатирано дека вршеле меѓународен превоз на патници без поседување на соодветна документација“, велат од МВР.

Инаку во земјава, според последните јавно објавени информации, има најмалку 160 автобуси и комбиња кои превезуваат патници без соодветни дозволи. Полициските проверки за тоа какви документи имаат автобусите, следат по трагедијата во Бугарија кога лани во ноември изгоре автобусот на „Беса Транс Скопје“ во кој загинаа 45 наши државјани. Автобусот немаше дозвола за превоз на патници, а подоцна Царината утврди дека вкупно пет автобуси на „Беса Транс“ без соодветни дозволи превезувале патници. На фирмата ѝ се одземени двете лиценци за работа, транспортната и туристичката.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button