ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бујар Османи: Историјата не е дел од предлогот

Бујар Османи: Историјата не е дел од предлогот

Лага е дека историските и билатералните прашања се влезени во францускиот предлог различно од било кој предлог добиен претходно, тврди министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој на едночасовната прес-конференција во детали ја образложуваше дадената поддршка од МНР за предлогот на Париз.

Според него, најголемата придобивка е дека конечно ќе се затвори прашањето за македонскиот јазик, кој добива чиста формулација во преговарачката рамка, без никакви појаснувања, додека унилатералната изјава со бугарското сфаќање за македонскиот јазик, ќе биде дел од записник.

„Ова е една страница од рамката. Рамката е документот. Сè друго, сите додатни документи, се неважни. Овој документ е устав за односите помеѓу Европската унија и Северна Македонија. Во овој устав се вели „Северна Македонија ќе обезбеди превод на европското законодавство на македонски во текот на преговарачкиот процес“. За јазикот, сите шпекулации дека има фуснота, сите шпекулации дека има било какви квалификации во рамката се неточни и лажни“, изјави Бујар Османи – министер за надворешни работи.

Османи ги појасни и дилемите околу прашањето кога и официјално ќе започнат преговорите, потенцирајќи дека преговарачката рамка ќе биде одобрена од Брисел во истиот момент кога Скопје ќе одговори со „да“ на францускиот предлог.

„Предлогот, којшто беше претходно и којшто беше одбиен, велеше „уставни измени, па почеток на преговори“. Сега има почеток на преговори, прва Меѓувладина конференција, отворање на преговори, целосен скрининг процес, а до завршувањето на скринингот и пред отворањето на првото поглавје треба да направиме уставни измени. Кои уставни измени? Заедно со шест други заедници, да ги внесеме и Црногорците, Хрватите и Бугарите“, додаде Бујар Османи – министер за надворешни работи.

Шефот на дипломатијата се задржа и на полемиките околу вклучувањето на членот 12 од Договорот за добрососедство во нацрт-заклучоците на Европскиот совет, кои многумина го протолкуваа како „протнување“ на историските прашања.

Според Османи, Договорот за добрососедство постоел во секој предлог досега, а тоа што само тој член е потенциран, како што вели, е за да се создаде впечаток дека се става акцент на неговото спроведување./Alsat.mk

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button