МАКЕДОНИЈА

Бујар Османи тврди – За Теута Арифи имало само „размислувања“

Шефот на дипломатијата застана во одбрана на Теута Арифи, која пред јавноста досега не ги потврди или демантира информациите за нејзин дипломатски ангажман. Османи ги негираше пишувањата дека поранешната градоначалничка на Тетово била предлог за амбасадор за Анкара. Според него, таа е жртва на лажни вести, но Османи не демантираше дека сепак Арифи била главен кандидат за амбасадорската функција во Брисел.

„Никогаш немало размислување, ниту предлог за Анкара, ниту пак одбивање. Никогаш немало предлог за Теута Арифи за Вашингтон, за да биде одбиена. Никогаш немало формализиран предлог за Теута Арифи за Брисел. Имало размислувања, но никогаш и формализиран предлог за да биде пратен во Брисел“, изјави Бујар Османи – министер за надворешни работи

Но, според претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, за името на Теута Арифи најверојатно течеле усни консултации пред да биде официјализиран предлогот, но немало повратно позитивно мислење од Брисел.

„Ако на одбивањето на Арифи за позицијата во Брисел се надоврза и претходното одбивање на Љубомир Фрчкоски за амбасадор во Вашингтон, добиваме непријатни вести за имиџот на нашата дипломатија и на целата држава. Последиците од тоа нема да останат само за кандидатката, туку и за државата. Во изминативе триесет години не се случила ваква дипломатска бламажа“, изјави Антонијо Милошоски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Засега ниту една од надлежните институции не открива како била прекината процедурата за испраќање на Арифи во Брисел, односно дали Владата го повлекла предлогот, кој бил изгласан кон крајот на март, или пак претседателот Стево Пендаровски не дал позитивно мислење. Инаку, покрај за Брисел, се очекуваше наскоро да се пополнат и испразнетите места во Брисел, Париз, Виена, Вашингтон и други градови, а во јавноста се споменуваше и актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, како предлог за позицијата во Франција. /Алсат.мк

Лука Андреев 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button