ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дали Петков има мнозинство за францускиот предлог за кревање на ветото

Дали Петков има мнозинство за францускиот предлог за кревање на ветото

Ден откако Владата на Кирил Петков одлучи собраниската Комисија за надворешна политика да решава за евентуалниот предлог со кој би се кренало ветото за Македонија, бугарскиот Парламент остана без претседател, а Петков без мнозинство. Опозициските партии, заедно со дел од пратениците на Слави Трифонов, кој ја напушти владината коалиција токму поради темата за Македонија, го разрешија претседателот на Собранието, Никола Минчев.

„Убавото е што завесата се крена и нас не ни е страв од избори, затоа што луѓето што ова го гледаат можат да си направат добра проценка што се случи,“ рече Кирил Петков – премиер на Бугарија.

Според пишувањата на бугарските медиуми, денеска во бугарската Влада пристигнува францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, кој потоа Петков треба да го проследи до Собранието. А веднаш откако заврши денешното гласање за негово разрешување, доскорешниот спикер Минчев одговараше на прашањето дали француската амбасадорка во Софија била утрината во Собранието за да ги информира пратениците за предлогот на Макрон.

„Не знам, јас скоро целото време бев внатре во салата. Не знам за таква средба и каков е нејзиниот исход. Темата за Северна Македонија е вештачки подигната тема. Тоа е. Нема никаков „зајак во шапката,“ рече Никола Минчев – пратеник од „Продолжуваме со промената“.

Детали каде во моментов се наоѓа францускиот предлог, што содржи и пристигнат ли е на адреса на Владата нема. Единствено претседателот на „Демократска Бугарија“, кој е коалициски партнер на Петков, ја откри можната содржина.

„Бугарија е на пат да ја пропушти можноста за добра зделка што ја направи француското претседателство. Најважниот параметар на овој договор е дека Европската комисија ќе се ангажира да следи дали Северна Македонија ќе ги вклучи Бугарите во уставот на земјата. И ако тоа не се случи, нема да има преговори за првото поглавје,“ рече Христо Иванов – претседател на ДБ.

До изборот на нов претседател на Собранието, нов спикер е Мирослав Иванов, кој исто така доаѓа од партијата на Петков и најверојатно нему ќе му припадне должноста да го стави на дневен ред гласањето за недоверба на Владата, најдоцна до среда идната недела.

Според дел од опозициските политичари Петков дотогаш ќе успее да изнајде 122 пратеници и со мнозинство да решава за прашањето за Македонија, имајќи ја поддршката за Скопје што доаѓа од партијата ДПС.

Што точно содржи предлогот на Макрон за надминување на спорот македонските власти велат дека не знаат.

„Ние тука во Скопје немаме видено француски предлог. Ние разговараме со нашите бугарски колеги. Француски предлог има или нема, тоа е интерна работа на Европската унија,“ рече Стево Пендаровски – претседател на Македонија

„Прво, треба да видиме предлог што е усогласен од сите земји-членки. // Кога ќе добиеме сигнал од француското евро-претседателство дека има усогласен став од сите земји-членки, тогаш ќе ги кажеме нашите позиции,“ рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Според шефот на дипломатијата Османи внатрешно-политичката ситуација во Бугарија не изгледа ветувачка за кревање на ветото во јуни. Официјална Софија за францускиот предлог ќе треба да се произнесе до вторник пред одржувањето на јунскиот Самит на ЕУ.

Лука Андреев

 

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button