ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Џафери платил казна и продолжил да го прекршува законот

Талат Џафери го прекршил Уставот и платил казна поради неспоивост на функциите. Според антикорупционерите, Џафери иако бил претседател на Собранието истовремено членувал и во партиските органи на ДУИ, поконкретно во претседателството на Генералниот совет на партијата.

Од Антикорупциската комисија прашале дали и покрај платената казна Џафери се уште извршува партиска функција, но од ДУИ одговор не добиле.

„До ден денес не успеавме во таквото наше настојување, со коешто би покажале дека е надминат судирот на интереси, односно дека повеќе не е член на овие тела. Меѓутоа од политичката партија добивме известување дека тој секогаш при одлучувањето се изземал, но Законот не познава изземање“, рече Катица Николовска – член на ДКСК.

Николова побара постапката да запре зашто Џафери во меѓувреме е избран за премиер, а ако останал спикер ќе барала негово разрешување. Овој предлог предизвика караници меѓу антикорупционерите на нивната последна седница во овој состав. Членот Шемси Салаи истакна дека Антикорупциската воопшто не е надлежна и за Џафери требал да одлучува Уставниот суд, а не Комисијата, што наиде на отпор кај колегите.

„Вие уште кога почнав да образложувам почнавте да се смеете, некои од колегиве…“, рече Салаи.

…. Па затоа што кажуваш некои работи за прекршување, а не обрнуваш на тоа што е главното, се со цел да ги превртиш работите и да создадеш погрешна слика“, рече Билјана Ивановска – член на ДКСК.

Антикорупционерите на денешната седница побараа одговорност и од директорот и од Управниот одбор на Фондот за иновации. Причина се доделените пет милиони денари на фирмите Тор индустриес и Еверест, во сопственост на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Фондот овозможил да се скрати времетраењето на проектите, а воедно не извршил никакви теренски контроли дали и како тие се спроведуваат.

„Институциите на ваков начин во една правна држава не смеат да функционираат. Некој мора да носи и одговорност, а покрај одговорност овие состојби мора да се средат, за да може да имаме редовно и законско функционирање, бидејќи ризиците за злоупотреба се многу високи“, рече Нури Бајрами – член на ДКСК.

За Дрин Ахмети одговорност не беше побарана, бидејќи не бил службено лице. Одговорност избегна и другиот внук на Али Ахмети, Бесиан Ахмети. Антикорупционерите денеска утврдија дека поради последните измени на Законот за надворешни работи, тој законски бил назначен за економски промотер и прв секретар во Амбасадата во Брисел. Сепак, тие додаваат дека законските измени се спорни и овозможуваат лица со помало искуство да имаат предност пред останатите дипломати со подолг стаж при назначување на високи позиции.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button