ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дитмире Шеху и Кренар Лога нема да го потпишат избирачкиот список во ДИК

Државната изборна комисија утре ќе го потпише избирачкиот список, но таму нема да се најдат потписите на потпретседателката Дитмире Шеху и на членот Кренар Лога. Двајцата вчера ја отворија дилемата за 680-тте гласачи чие место на живеење е општината Чучер Сандево, но кои треба да гласаат во Бутел и Град Скопје. Причина се неточни податоци во нивните лични карти. Претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, вели дека членот делегиран од неговата партија, Кренар Лога, ќе го почитува законот.

„Мислам дека нашиот член во ДИК постапува согласно одредбите и законите и немам право да му кажувам да постапува спротивно на законите. Тој треба да ги почитува законите што се однесуваат на овој дел“, рече Села.

Запрашан дали во иднина треба од има појаснување на законските одредби за да се избегнат слични грешки, координаторот на пратеничката група на СДСМ, призна дека не бил информиран за конкретниот случај.

Вчера по долга расправа ДИК со мнозинство гласови од петте други членови, одлучи 680 избирачи кои живеат во Чучер Сандево да гласаат во Бутел затоа што имаат лични карти со адреса на живеење во таа општина. До тоа дошло откако Централниот регистар не го известил МВР дека улиците каде што живеат ѝ припаѓаат на општина Чучер Сандево.

Грешката ја признаваат сите институции, но ДИК смета дека законот ги обврзува да постапуваат согласно податоците во личните карти. Проблемот е стар речиси една деценија и никогаш не бил решен. МВР ја информираше ДИК дека податоците за личните карти на овие гласачи ќе бидат ажурирани и ќе бидат запишани како жители на Чучер Сандево, но во новите лични карти што ќе ги добијат после изборите. Во меѓувреме, партиите денеска потпишаа кодекс за фер избори. Ветија дека ќе водат демократска кампања во која ќе ги почитуваат политичките противници и нивните гласачи.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button