МАКЕДОНИЈА

Дивите депонии во Струга и Охрид си функционираат со полна пареа

Поминаа уште четири години, а проблемот со дивите депонии кај Струга и Охрид остана нерешен. И во пресрет и на овие локални избори, ситуацијата останува статус кво. И натаму големи количини смет секојдневно се трупаат на струшката депонија, која е на само 500 метри од првите куќи, и на депонијата Буково, каде се депонира охридскиот смет. Граѓанските активисти бараат по изборите, справувањето со струшката дива депонија да биде приоритетно прашање за решавање.

„Потребно е идната локална власт да разработи план во наредните четири години и тој план да биде реализиран во соработка со централната власт. А времето ќе покаже колкав е проблемот со дивата струшката депонија. Се уште не ги чувствуваме негативните последици, но тие ќе стануваат со тек на време се поголеми и поголеми, се додека станат неподносливи. Тогаш ќе имаме уште поголем проблем, кој ќе чини уште повеќе пари“, вели Глигорие Ќатоски, граѓански активист и адвокат.

За депонијата кај Струга веќе се води и судски спор, во кој Македонското здружение на млади правници бара од општина Струга, од јавното комунално претпријатие и од Министерството за животна средина, веднаш да извршат дислокација на дивата депонија.

„Таа ситуација каде немаме никаква активност од страна на надлежените, не натера со тужба да побараме судската власт во државата, да ја заземе својата улога како трета еднаква власт и да нареди на извршната власт да си ги спроведува законите кои што се донесени во делот на управување со отпад“, рече Глигорие Ќатоски, граѓански активист и адвокат.

И за депонијата Буково, која речиси цело лето гореше и од каде се ширеше чад и неподнослива миризба, Ќатоски вели дека се размислува да биде поведена слична судска постапка. Локалните жители пак се загрижени за своето здравје.

„Состојбата со депонијата е катастрофална. Тоа мора да се реши. Ги шетаме туристите по планината и не можат да се изначудат на оваа глупост. Ова е за нас едноставно само тегнење на време и ништо друго. Тоа е се канцерогено. Не знам што е поопасно. Читам деновиве дека комбинација на ковид и чад е најсмртоносно“, изајви Горан Анѓелоски, жител на Куратица.

Инаку и двете депонии според препораките на УНЕСКО, требаше да  бидат затворени до крајот на 2020 година, но тие се уште се активни.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button